Утрински Весник
Економија

ВМРО-ДПМНЕ: Фискалната раскалашеност на грбот на граѓаните и бизнисот

Укажувавме дека раскалашеното трошење на државните пари од стана на Владата на ДУИ и СДСМ ќе не кошта многу во годините кои доаѓаат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

dobivaj vesti na viber

„ Истата Влада којашто петта година по ред се покажа како НАЈНЕУСПЕШНА влада во независна Македонија, којашто покрај продажбата на националните интереси не успеа да ја ублажи длабоката рецесија во 2020 година, не успеа да ја ограничи инфлацијата во 2022 година, не успеа да ја ублажи енергетската криза – за три години ќе креира нов долг од 2,9 милијарди евра, колку што за 10 години креираше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Долгот во последните три години се креираше заради раскалашеното и неодговорно трошење на државните пари, при регистрирани историски максимални суми за договорни услуги, сомнителни зделки пратени со криминали и корупција, а при најниски капитални расходи и отсуство на инфраструктурни инвестиции. Изговорот дека парите беа потрошени за кризите е издишан балон, зошто да беше така немаше да имаме најдлабока рецесија по онаа од осамостојувањето, немаше да имаме една од највисоките стапки на инфлација во Европа, немаше да имаме енергетска несигурност и несигурност за храна“ велат од партијата.

Како што додаваат, ова неодговорно креирање на долгот Владата планира да го пренесе на товар на граѓаните и бизнисот, без притоа да започне од сопствениот двор.

„ Оваа Влада нема никаков кредибилитет да се фали со даночни реформи во услови кога не престанува да вработува партиски војници во јавната администрација и не престанува да троши историски високи суми на стоки и услуги. Доказ за тоа е последниот ребаланс на буџетот за 2022 година“ обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најавената даночна реформа од министерот за финансии, според ВМРО-ДПМНЕ, е само фарса во отсуство на вистинска битка за собирање на средства во државниот буџет.

„ Даночната реформа преку која се најавува проширување на даночната основа со измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност ќе собере околу 50 милиони евра годишно. Но, ако навистина сака оваа Влада да собере средства во буџетот треба да почне од сивата економија од којашто годишно губи од 200-250 милиони годишно приходи од данокот на додадена вредност, данокот на добивка и останатите даноци. Дека вистинската битка не се води, доказ е тоа што петта година по ред оваа Влада ја држи во фиока „Стратегијата за формализација на неформалната економија“. Петта година по ред нема никаква активност на ова поле. Зар до сега не требаше да се заинтересира оваа Влада кои општини не плаќаат даноци, а добиваат високи трансфери од државниот буџет како „награда“ за нивната неуспешност? Праведниот пристап на оданочување нека започне од тие што не плаќаат данок, а не со изговор дека оваа Влада тоа го прави преку прогресивниот данок на доход. Рамниот данок се докажа и покажа како успешен во сузбивање на сивата економија и собирање на значајни средства во државниот буџет.

Уште повеќе, несоодветната даночна реформа и несоодветниот тајминг за нејзино имплементирање ќе удри по штедењето на населението, кое во последниот период е значајно намалено заради намалениот расположлив доход во услови на висока инфлација и ниски номинални, а негативни реални каматни стапки. Ова ќе преставува удар на ликвидноста на банкарскиот систем и за идното кредитирање на бизнисите и населението. Несоодветносто укинување на одредени даночни ослободувања и укинувањето на повластениот третман за одредени категории приходи кај индивидуалните даноци може да се пренесе врз финалните цени, кои во денешни услови вртоглаво растат, а со тоа уште повеќе да ја подгрее инфлацијата. Зар треба да останат на власт? Потребни се предвремени парламентарни избори“ порачаа од опозициската партија.

Можете да прочитате

Одржана седница на Советот на Народната банка: Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5%

Битиќи: На ВМРО-ДПМНЕ им е непријатно кога гледаат како платите растат

СДСМ најавува седумчасовен работен ден во три сектори од 2025