Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е ист како Заев, им го продолжува мандатот на судиите и обвинителите за да може непречено да продолжи со криминалот

Власта на СДСМ и ДУИ целосно го партизираат правосудството и преку измени на Законот за работни односи сака да им го продолжи мандатот на своите политички извршители, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„ Насилното и недолично однесување на пратениците од владејачкото мнозинство на комисијата за европски прашања, ставањето на европско знаменеце на законот, недозволување на пратениците од опозицијата да дискутираат, е само уште една потврда дека владата на СДСМ и ДУИ им го продолжува мандатот на судиите и јавните обвинители за да може непречено да продолжат со криминалот како и до сега. Ковачевски сака целосна контрола врз судството и јавното обвинителство“ се вели во соопштението.

Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ се на страната на криминалот и корупцијата, и , како што додаваат, токму поради тоа им го продолжуваат мандатот на партиските војници во судските органи.

„ Ковачевски е ист како неговиот шеф Заев, и сака на насилен начин да го продолжи мандатот на судиите и обвинителите кои до вчера носеа пресуди во корист на власта, занемарувајќи ја вистината изнесена преку материјални докази и факти. Јавноста е сведок дека до сега нема ниту една правна разрешница за криминалот на високите владини и партиски функционери на СДСМ и ДУИ.

Токму поради ова е ниската доверба од 8 проценти од страна на граѓаните во правосудниот систем во државата. Судството и јавното обвинителство се под партиска капа и идеолошка контола на владата на СДСМ. Ова е е најфлагрантното и најбруталното кршење на демократските процеси, а владата директно го урива уставниот поредок преку мешање на извршната во судската власт. Потребни се промени“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори.

Можете да прочитате

Левица: Македонците плаќаат повеќе од двојно повисок мрежен трошок за струјата отколку во 2020 година

12 уапсени возачи во последното деноноќие

Малолетник пиел алкохол во локал во Кичево, па завршил во болница