ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира предлогот за воведување на еколошка такса со која би се зголемиле цените на горивата.
Пратеникот од опозициските редови, Тимчо Муцунски, предупреди дека тоа со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, како и зголемена неконкуретност на македонските компании на светскиот пазар, што ќе предизвика дополнителен шок на целата македонска економија.
„Наместо државата да се грижи за инвестиции во зелени проекти, Владата има намера да наплаќа од секој граѓанин и од секоја компанија со цел да финансира проекти што нема да постигнат некој значителен ефект, освен можеби политички да го оправдаат ребрендирањето на еден од своите коалициони партнери“, смета Муцунски.
Во однос на обвинувањата за блокадтите, од ВМРО-ДПМНЕ во своја одбрана наведуваат дека блокираат единствено закони кои им нанесуваат сериозна и непосредна штета на и така веќе погодените граѓани и компании.
„Во однос на овој Предлог закон ставот на академската заедница, стопанските комори и граѓаните е едногласен, а нивниот заклучок и јасна порака е дека станува збор за погрешна мерка во погрешно време. Имајќи го предвид кажаното, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е цврст и јасен: Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите анти-пазарни политики, меѓу кои и високите даноци“, рече Муцунски.
Опозицијата е децидна дека граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта, како и безусловно укинување на таканаречената еколошка такса.