Се потврди она што го говоревме, социјалниот дијалог е единствениот начин за постигнување на целите на синдикатите и доаѓање до прифатливи решенија, изјави пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ.
Постигната е согласност, информира таа, помеѓу Владата и СОНК за зголемување на платите во детските градинки, основните и средните училишта за 12 проценти, со ребалнасот на буџетот.
Сега, како што рече, најважно е да продолжи наставата што поскоро, да се надополни загубеното и да се работи на трансформација во образованието.
„Најраното можно враќање на учениците е утре, среда, што значи 10 загубени денови од училишната година кои треба соодветно да се надоместат. Платите во образованието и детската заштита ќе се зголемат, СДСМ продолжува со политиките за покачување на платите на работниците! Се надеваме дека сите, со истиот жар, ќе продолжиме да се залагаме за нови наставни програми, за спроведување на реформата во основното образование, на средното образование, трансформација на педагошките факултети кои продуцираат наставен кадар“, потенцира пратеничката од редовите на СДСМ.
СДСМ, вели Шкријељ, секогаш била и ќе биде на страната на работниците, на учениците, работејќи посветено на реформи и подобрување на животниот стандард дури и во услови на најголема економска криза.