Утрински Весник
Македонија

(Видео) Реконструирани 66 објекти на МВР,Спасовски денеска во ОВР Пробиштип

(Видео) Реконструирани 66 објекти на МВР,Спасовски денеска во ОВР Пробиштип

„Во рамки на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-техничките и инфраструктурни капацитети на македонската полиција, денеска јас и моите соработници, покрај работните средби што ги реализиравме со колегите од СВР Штип, од Одделението за внатрешни работи Пробиштип, како и со градоначалникот на општина Пробиштип, имавме можност да направиме и увид во реализираните реконструкциски работи на објектот на ОВР Пробиштип, како организациона единица при СВР Штип“, ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при неговата денешна работна посета и средба со челните луѓе на СВР Штип и на ОВР Пробиштип, потенцирајќи притоа дека во голема мерка е реализирана долгата листа на полициски објекти што актуелното раководство на МВР ги зацрта како објекти на кои што им се нужни реконструкциско-санациски зафати.

„Досега се реконструирани 66 објекти на МВР, вклучувајќи го и објектот ОВР Пробиштип, но и објектите на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип и Полициската канцеларија Македонска Каменица, исто така, во рамки на СВР Штип. Сега овој Сектор за внатрешни работи добива во употреба исклучително квалитетно реновирани објекти, за кои обезбедивме средства во вкупен износ од околу 17 милиони денари, со што значително се подобруваат условите за извршување на секојдневните работни задачи“, нагласи министерот Спасовски.

Според министерот Спасовски, во реконструираните објекти се имплементирани и мерки за енергетска ефикасност, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови фасади, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија, поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина.

Притоа, министерот Спасовски го истакна уверувањето дека сето ова сосема сигурно ќе резултира со позитивен фидбек, изразен во уште поквалитетно работење на полициските служби при овие полициски организациони единици. Дотолку повеќе што досегашните позитивни резултати во работењето, особено во поглед на зголемената ефикасност во расчистувањето на кривичните дела за 37%, но и во поглед на намалувањето на кривичните дела особено од областите на имотни и економски деликти, гарантираат континуитет во подобрување на ефикасноста. Според Спасовски актуелното раководство на МВР и во наредниот период ќе продолжи со силна мотивираност да ги гради севкупните капацитети на институцијата и да создава модерна, опремена, стручна и мотивирана полиција која ќе испорача уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија.

Можете да прочитате

МНР со апел до македонските граѓани да избегнуваат патувања кон Блискиот Исток

Таравари: Разочаран сум што ВРЕДИ од прекрасен проект се претвори во неуспешен обид

Отпад гореше во близина на Куманово, црн чад го прекри градот