Утрински Весник
Македонија

(Видео) „Ова е објавување војна“ – роднините на осудените во „Монструм“ најавија протест

(Видео) „Ова е објавување војна“ – роднините на осудените во „Монструм“ најавија протест

Бедри Ајдари, братот на осудениот во „Монструм” Фејзи Азири, повика на протести поради казните изречени од кривичниот суд.

Тој по објавување на пресудата рече дека е објавена војна и тие ќе се борат со сите средства. Според него, пресудата е без докази и по нарачка на обвинителката Фатиме Фетаи.

„Јас не можам да влијаам на судот, а се утврди дека судечкиот совет донесе одлука по нарачка на обвинителката Фатиме Фетаи. Јас немам друго средство, освен да најавам протести. Ги повикувам челниците на државата да дојдат на протестите и да протестираат, како што ние протестиравме, но не за да ја тргнеме една гарнитура на луѓе за да дојде друга, туку за да се регулира правниот систем. Тоа не се случи. Барам од политичките партии, кои се патерици на Владата, кои го поддржуваат чинот и ова што се направи денес, да се дистанцираат од оваа одлука и да протестираат заедно со нас. Ние ќе протестираме в петок, со сите расположливи средства. Ова е еден вид објавување војна. Се случи индикретно. Ние ќе се бориме. Какви ни се средствата така ќе дејствуваме“, рече Ајдари.

Адвокатите се незадоволни од пресудата за петкраткото убиство кај Смилковското Езеро и уверуваат дека нивните клиенти не го сториле кривичното дело. Не им е јасно зошто се одредени казни кога претходно Врховниот суд ги ослободил обвинетите од вина.

Адвокатот Насер Рауфи кажа дека сите се осудени без никакви докази.

„Кога беше првата пресуда изречена во овој предмет кажав дека сме далеку од владеење на правото. Сега сме уште повеќе од владеење на правото. Без никакви докази, не се обрна внимание на одлуката на Врховен суд дека ова не се сторители на грозоморниот чин, се направи неправда. Одиме понатаму, како одбрана сме сигурни дека ќе стигнеме до правдата“, рече адвокатот Рауфи.

Адвокатот на осудениот Хаки Азири ќе ја обжали пресудата и одлуката за притворот и уверува дека ќе докажат дека осудените не го сториле убиството кај Смилковското Езеро.

„Укажав дека јавните обвинители со овој предмет покажаа двојни аршини со предлозите за определување на мерката притвор. Можете да видите дека Хаки Азири, на кого му беше определен притвор на 01.05.2012 година а го издржуваше до мерката на Врховниот суд, константно се јавуваше во суд, почитуваше мерки на претпазливост. Сега му е изречена казна за кривично дело што не го сторил. Укажувам дека прифаќањето на предлогот за притвор е уште една спрега помеѓу судството и јавното обвинителство. Одлуката укажува дека од почетокот на изрекување на пресудата до изрекувањето на пресудата има договор меѓу судот и обвинителството. Не знам зошто се определува притвор, има други мерки на претпазливост. Но тука има други аршини“, рече адвокатот на осудениот Хаки Азири.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?