Утрински Весник
Економија

(Видео) Ковачевски пред германските партнери: Создаваме услови за нови инвестиции и во време на криза

(Видео) Ковачевски пред германските партнери: Создаваме услови за нови инвестиции и во време на криза

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на настан во организација на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение на тема: „Очекувањата на приватниот сектор од новата Влада во време на корона и енергетска криза“.

На настанот присуствуваа министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски.

Во присуство на над 90 претставници на германски, македонски и други интернационални компании-членки на здружението, премиерот Ковачевски во своето обраќање ја истакна важноста од соработката и партнерството со деловната заедница за создавање подобар деловен амбиент, за нови инвестиции, за нови работни места и во услови на светска криза.

Ковачевски рече дека на економски план Владата има три приоритети, справување со последиците од светската енергетска криза, економски развој како и реализација на капиталните инвестиции.

„Странските инвестиции се важни за економскиот развој на нашата земја, а германските инвестиции, како и европските се клучни. Пандемијата ги покажа слабостите и видовме дека Европа се соочи со големи предизвици кога ланците на снабдување се во далечни земји. Во Европа може да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоците. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во Европската Унија, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои од земјите од регионот“, изјави премиерот.

Ковачевски истакна и дека минатата година реализирани виле 79% од капиталните инвестиции и со истото темпо, како што рече, се продолжува и оваа година.

Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија во своето обраќање ја истакна важноста од традиционално добрата економска соработка меѓу двете земји.

„По кризата која ја предизвика пандемијата во стопанството во цела Европа, можам со голема радост да кажам дека во 2021 постигнавме рекордната трговска размена помеѓу двете земји, со вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со 2020. Мината година имаше и проширувања на инвестициите кај повеќе германски инвеститори во земјата од автомобилската индустрија. Но среќен сум дека има и нови инвестиции кои ќе отворат голем број на добро платени работни места во сферата на услужната дејност и грижата за клиенти“.

Мартенс соопшти дека Македонско-Германското стопанско здружение иако измината година направи значајни промени во условите за членство и понатаму останува најголемо билатерално стопанско здружение во земјата, со 143 компании-членки.

Тој даде свој осврт и за темите кои ќе бидат клучни за Германија оваа година, како Зелената агенда и новиот Закон за добавувачи, кон кои ќе треба да се прилагоди и Северна Македонија, доколку сака да остане конкурентна како пазар.

Пред присутните се обрати и германската амбасадорка во земјата, Анке Холштајн.

„Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важно признание за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат тие што се веќе овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции“, изјави амбасадорката Холштајн.

На настанот компаниите ја искористија средбата за вмрежување и имаа можност да дискутираат со претседателот на Владата и ресорните министри, да споделат свои предлози и идеи кои може да придонесат за економскиот развој.

Можете да прочитате

„Кој купува стан во Скопје?! Без вода, без воздух, со бетониран пекол на секој агол!“

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

СДСМ: Инфлацијата од 4,5% руши рекорди – граѓаните ја плаќаат цената за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ