Врз основа на меѓународна конвенција, Кина ќе сподели со другите земји податоци и примероци од Месечината собрани во мисијата Чанг-5 (Chang’e 5), иако таквата размена со САД може да биде спречена од американските ограничувања.
Капсулата слета во северната провинција Внатрешна Монголија рано утрово и ги донесе првите примероци од карпи и почва од Месечината по 70-тите години.
Материјалот донесен со капсулата Чанг-5, именуван по митската кинеска божица на Месечината, треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за настанокот на Месечината, нејзиното формирање и вулканската активност на нејзината површина.
https://www.youtube.com/watch?v=UVx4YcfDeVc
Со оваа мисија, Кина стана третата земја што собрала примероци од Месечината, по Соединетите држави и Советскиот сојуз во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Ова беше прв ваков обид по мисијата „Луна 24“ на Советскиот сојуз, која беше успешно завршена во 1976 година.
„Во согласност со Меѓународната конвенција за соработка и договорите за мултилатерална и билатерална соработка, ќе донесеме регулативи за управување со податоци и примероци од Месечината“, рече Ву Јанхуа, заменик во Национална вселенска управа на Кина.
„Така ќе ги споделиме со релевантни држави и научници, а некои од нив може да бидат и донирани во согласност со меѓународната пракса“, додаде тој.
Со мисијата „Чанг 5“, Кина прва лансираше вселенско летало од друго небеско тело и ја тестираше способноста да собира далечни примероци од вселената како подготовка за посложени мисии за истражување на Сончевиот систем.
Мисијата „Чанг-5“ беше лансирана на крајот на ноември, а двата модула се спуштиле на Месечината на 1 декември, при што собрале примероци од површината и од внатрешноста, правејќи дупка од два метра, под месечевата кора. Не се знае точно колкаво количество материјал е собрано, а примероците биле складирани во запечатен контејнер и однесени до модул во орбитата кој ги донел на Земјата.
На прашањето дали Кина е подготвена да сподели примероци со САД, кои ја ограничуваат сопствената вселенска агенција НАСА на директна соработка со Кина, Ву рече дека за жал има пречки.
„Кинеската влада сака да сподели примероци од Месечината со институции и научници од разни земји, но соработката со Соединетите држави зависи од американската политика“, нагласи тој.