Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, прогласи победа на Сашко Николов во градоначалничката трка во Штип. Тој посочи дека жителите на градот кажале „да“ за одговорност и стабилност, а „не“ за блокади, лаги, стравови и хистерии. Според Заев, народот испратил порака со цензусот и до ВМРО-ДПМНЕ, која според него, повторно избегала од својот народ.
„Нека е честито штипјани. Д-р Сашко Николов е новиот градоначалник на Штип. Имавме успешен изборен ден. На слободен и демократски ден, а најважно од се, безбеден за здравјето избори, победи вистинскиот кандидат, д-р Сашко Николов. Денеска победи Штип и желбата за напредокот и развојот на овој македонски град. На граѓаните на Штип им благодарам за одговорноста која ја покажаа за својата општина, благодарам за довербата во СДСМ, во институциите кои ги водиме и патот кој го водиме“, рече Заев.
Тој посочи дека кандидатот Николов ќе ја оправда нивната доверба, за кого вели дека нема сомнеж оти ќе го вложи сиот потенцијал за да му помогне на Штип.
„Довербата која ни ја дадовте ни значи многу и ќе ја оправдаме. Благодарам што покажавте чувство за својот град, своето место. Македонскиот народ има на што да бидат горди. Денеска граѓаните испратија порака и до бојкотирачот, блокирачот, кој повторно избега од својот народ. Граѓаните го казнија неодговорното однесување кон Штип, кон центарот на македонскиот исток. Кажаа ‘да’ за одговорност и стабилност и ‘не’ за блокадите, бојкотот, лаги, стравови, хистерии. Не дозовлува овој наш народ блокади, кочења, уназадувања. Му честитам на Николов за победата. Нема сомнеж дека Николов ќе го вложи сиот свој потенцијал за да му помогне на родниот град, за да се посвети да работи на доброто на сите негови сограѓани“, рече Заев.