Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев за иницијативата Отворен Балкан: Македонскиот, албанскиот и српскиот народ имаат ист пат

(Видео) Заев за иницијативата Отворен Балкан: Македонскиот, албанскиот и српскиот народ имаат ист пат

Премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, како завршница на Економскиот форум за регионална соработка во рамките на „Отворен Балкан“ одржаа прес-конференција.

Во своето обраќање Заев посочи дека во Скопје се отвориле нови перспективи за трите држави и нивните економии.

„Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани.

Сакам силно да ја изразам поддршката што за ова ново и силно регионално поврзување ја добиваме од деловните заедници на нашите три земји, како и на гостите од бизнис заедниците на другите земји од Западен Балкан и од поширокиот регион и од повеќе земји од Европа и светот“, истакна премиерот.

Тој нагласи дека со Вучиќ и Рама потпишале еден договор и два меморандума за соработка.

„Договорот за заедничко делување во заштитата од катастрофи, помагање и ублажување на тие последици е наша основа и механизам за брза реакција секогаш кога тоа ќе биде потребно.

Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки значително го олеснуваме увозот, извозот и транзитот на стоки, ги тргаме пречките во меѓусебната прекугранична трговија, заради напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.

Со Меморандумот за соработка за работни дозволи имаме за цел да овозможиме либерализација на пазарот на работна сила и да им овозможиме на нашите граѓани да можат да работат во овие три земји, исто како дома“, објасни Заев додавајќи дека веќе се договорени нови работни средби во Белград и Тирана, кон крајот на годината.

„Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина и други производи кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре“, рече македонскиот премиер нагласувајќи дека Отворен Балкан оди напред, а соработката ќе биде проширена и на многу други полиња.

Можете да прочитате

Нормализиран сообраќајот до граничниот премин Блаце, укинати сите ограничувања

Вечерва тешка сообраќајка на автопатот Тетово–Скопје

Пренасочување на сообраќајот поради пожарот во околината на Блаце, забрана за товарни возила