Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев: Да празнуваме одговорно

(Видео) Заев: Да празнуваме одговорно

Да празнуваме одговорно, да се грижиме за сопственото здравје, здравјето на блиските и за јавното здравје и да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата со коронавирусот, порача премиерот Зоран Заев преку видео обраќање.

Премиерот посебно се заблагодари на лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците, припадниците на полицијата, на армијата, инспекциите и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба, притоа нарекувајќи ги херои.

„Годинава што изминува ќе остане запаметена по здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, кај нас и во целиот свет. Беше и сѐ уште е многу тешко. Но, сите сме ангажирани – секој од нас е загрижен и придонесува со помош и поддршка бидејќи се работи за сопственото здравје, за здравјето на најблиските и за јавното здравје. Но во оваа борба, во првите редови сте ВИЕ, лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците. Сите ВИЕ, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот вирус – го штитите нашето здравје, а тоа значи дека сопственото го ризикувате, заради сите нас. На првата линија сте и вие, припадниците на полицијата, на армијата и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба. Сите вие на првата борбена линија, сте нашите херои. Ви благодарам за сета пожртвуваност и храброст!

Ве повикувам, огромната поддршка и почит кон лекарите, кон медицинските работници, кон полицијата и армијата, да ја изразиме со најодговорно однесување и со целосно почитување на мерките во периодот пред нас! Еве ги новогодишните и божиќните празници. Да си посакаме здравје, но пред сѐ да придонесеме со нашето однесување кон здравје. Ако имаме здравје, ќе можеме да работиме, да заработиме, да се дружиме, да живееме и да се сакаме во кругот на семејството и блиските.

Затоа „ПРАЗНУВАЈ ОДГОВОРНО“ – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи. Мораме така додека не се спроведе вакцинацијата. Апелирам уште еднаш, да се грижиме за сопственото здравје, за здравјето на блиските и за јавното здравје. Да ги почитуваме мерките – да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата“, порача Заев во обраќањето.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Вечерва Ренџ Ровер се заби во жардињери во Аеродром (видео)

Обид за убиство во Аеродром: Две лица осомничени, еден во бегство

Приведен крадец во Прилеп, украденото вратено на сопственикот