Утрински Весник
Свет

(Видео) Вооружени лица упаднаа во универзитетскиот кампус во Кабул

(Видео) Вооружени лица упаднаа во универзитетскиот кампус во Кабул

Експлозија и истрели од огнено оружје беа пријавени на универзитетот во Кабул во Авганистан утринава, неколку часа по експлозијата на бомба во градот, пренесува РТ.

„Полицијата го опколи кампусот откако група вооружени лица влегоа во универзитетскиот комплекс“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тарик Аријан.

Извори за локалниот канал TOLOnews изјавиле дека имало тројца напаѓачи. Според извештајот, експлозијата и пукањето се случиле кога авганистанските и иранските официјални лица официјално отворале саем на книги заеднички организиран од двете нации.

Каналот објави фотографии од студентите кои се евакуираат од кампусот.

Видео од местото на настанот покажува како луѓето набрзина одат по улицата и потоа бегаат во паника додека се слушаат силни експлозии. Конвој оклопни возила, за кои локалните медиуми велат дека им припаѓаат на „странски сили“, беше снимен како се движи кон Кабул.

Портпарол на Министерството за здравство за 1ТВ изјави дека четири лица, вклучително и предавач на универзитетот, биле хоспитализирани. Ниту една милитантна група, вклучително и Талибанците, сè уште не ја презеде одговорноста за нападот.

Претходно изутрината експлодираше бомба во Кабул, ранувајќи еден безбедносен службеник и еден цивил. Минатата недела беше разнесен теренец со експлозив во различен дел од градот, при што беа повредени тројца цивили.

Во септември претставничката на ОН за Авганистан, Дебора Лионс, предупреди за рекордното насилство што се случува низ целата земја, а разговорите меѓу Талибанците и владата во Кабул поддржана од Западот се во застој.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење