Утрински Весник
Свет

(Видео) Баку извести за нови гранатирања, повеќе од 120 ранети цивили во Нагорно-Карабах

(Видео) Баку извести за нови гранатирања, повеќе од 120 ранети цивили во Нагорно-Карабах

Министерството за одбрана на Азербејџан извести за ново гранатирање на населбите околу регионот Нагорно-Карабах, пренесува ТАСС.

„ Во моментов, ерменските вооружени сили го гранатираат градот Хорадиз во областа Физул, населбите во областа Агџабади, градот Тертер и населбите во областа Тертер, како и териториите на областа Горанбој и Гојгол“, соопшти министерството.

Вкупно 24 азербејџански цивили биле убиени, а 121 други се ранети откако почнаа новите судири во Нагорно-Карабах, објави Канцеларијата на државниот јавен обвинител на Азербејџан.

„ Вкупно 24 цивили се убиени, а други 121 се ранети како резултат на нападите со гранатирање од ерменската страна од 27 септември до денес. Најмалку 56 цивилни објекти и 306 куќи се оштетени во гранатирањето“ се вели во воопштението.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Кралот Чарлс купи куќа вредна три милиони фунти

Анкета: Канаѓаните се повеќе ја поддржуваат ЕУ

Зеленски: Путин се плаши да му каже на Трамп дека сака да продолжи оваа војна