Утрински Весник
Свет

Бугарија на чекор од трети избори оваа година

Бугарија на чекор од трети избори оваа година

Бугарските пратеници денеска изгласаа дозвола партијата „Има таков народ“ (ИТН) да ја повлече својата предложена влада, поради што Бугарија е на чекор до одржување на трети избори оваа година, пренесува „Ројтерс“.

На гласање без преседан, парламентот призна дека ИТН не успеала да формира влада откако назначениот премиер Пламен Николов ја повлече својата кандидатура. Пратениците на ИТН ја напуштија пленарната сала пред гласањето, наведувајќи дека нивното присуство не е потребно.

Последната одлука му дозволува на претседателот Румен Радев да побара од втората по големина партија, ГЕРБ, и нејзиниот лидер, поранешниот премиер Бојко Борисов, да се обидат да формираат влада, иако партијата, која нема сојузници во парламентот, веќе изјави дека нема да предложи влада.

Според уставот, третиот обид за формирање влада треба да припаѓа на политичката партија избрана од Радев, но аналитичарите велат дека шансите за успех се многу мали.

Партијата ИТН, на водителот на ток-шоу и поп-пејач Слави Трифонов, победи со тесно мнозинство на парламентарните избори на 11 јули, со што ја прекина десетгодишната доминација на десниот центар на Борисов.

Меѓутоа, пред два дена, ИТН се откажа од своите планови да води малцинска влада, откако се раздели со потенцијалните сојузници, две мали партии, кои исто така се борат против корупцијата.

Можете да прочитате

Пронајден мртов рускиот министер за транспорт кој утринава бил разрешен

Потврдена смртта на 27 девојчиња и воспитувачи во кампот „Мистик“ по поплавите во Тексас

Израел ги нападна Хутите во Јемен