Бизнисменот Јордан Камчев пред Кривичниот суд одговараше на прашања од тужениот Бојан Јовановски-Боки 13. Камчев одговараше каде првпат го пријавил „Рекет“ односно барањето пари од Боки 13 со кои требало да се сопре обвинението за предметот „Империја“ против него.
Бојан Јовановски-Боки 13: „Кога е стапено во контакт со тогашниот директор на УБК, Горан Николовски-Џони?“
Камчев: „Додека бев во домашен притвор“
Бојан Јовановски-Боки 13: „Што му било кажано, какви насоки добил?“
Камчев: „Не ценам дека треба да одговорам. Пријавено е пријавено. И толку. Јас кажав дека адвокатот добил насоки кои потоа ги спровел. Јас не примив насоки од директорот“.
Бојан Јовановски-Боки 13: „По усната пријава до директорот на УБК, додека издржувал притвор, што направил?“
Камчев: „Јас продолжив да контактирам со Бојан. Кога се создадоа услови целиот настан го пријавив во ОЈО-ГОКК. Дадов електронска комуникација со првотужениот, како и тоа што јас го запишував, мои белешки“.
Бојан Јовановски-Боки 13: „Правосилната пресуда со која се парадира овде е пред највисокиот суд во државата, со барање на користење на вонредни правни лекови. Се надеваме дека таа пресуда, која со оглед на овие сите небулози и недоречености, ќе ја докажеме вистинската фактичка состојба. Знам дека не е овде местото. Апелирам до Врховниот суд да ги цени сите околности за случајот Рекет, чија единствена цел е спас на Орце Камчев, кој е најдокажаниот лопов во државата“
Јовановски-Боки 13 го праша Камчев дали го познава Зоран Заев, а бизнисменот одговори потврдно.
„Сум имал средба со него. Разговарав за рекетот кој го правеше Бојан Јовановски преку 1ТВ и неговата организација Меѓународен сојуз. Не сум разговарал за случајот ‘Империја’. Немам што да зборам за тоа, не е Заев обвинител или судија“, кажа Камчев.
Јовановски-Боки 13 праша ако Заев не е обвинител или судија, зошто разговарал со него за рекетот кој го споменал претходно. Бизнисменот кажа дека на средбата со експремиерот, немало други лица.
„Мотивот беше да биде информиран дека тоа што се случува, дека јас и група бизнисмени сме принудени да се рекламираме и ни се нудат фиктивни проекти. Јас кај Заев не бев да пријавувам, туку да укажам работи. Прво се сретнав со Заев, тоа беше средба, пред пријават“, кажа Камчев.
Камчев беше прашан и дали додека бил во домашен притвор (периодот пред да ги даде 1,5 милиони евра) бил посетуван од политичари во неговиот дом и кој одел: „Ниту еден политичар не го посетил мојот дом, го посетувале моите најблиски пријатели, фамилијата, Бојан Јовановски“.
„Сега се потврди една лага, каде тужителот кажува дека не му доаѓале политичари, а пред Кривичен суд вели дека му доаѓале 4-5 ама не знаел зошто Обвинителството не ги споменало“, искоментира Јовановски пред судот.
Камчев реагираше дека Бојан Јовановски претерал со коментарите и со прашањата.