Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) – Во време на вонредна состојба немаме Закон за спречување и заштита од дискриминација кој ги штити граѓаните, се вели во ставот на Блупринт групата за реформи во правосудството по повод одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во ваква една состојба, од Блурпринт групаат реагираат дека е потребна директна примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, како и другите ратификувани меѓународни документи кои се дел од правниот поредок на нашата земја.
– Имајќи предвид дека забраната на дискриминација е уставна категорија за чија заштита е надлежен Уставниот суд, ваквата состојба ја нагласува важноста на Уставниот суд во престојниот период да постапува и да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, се вели во ставот на Блупринт групата.
Според мислењето на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството, Уставниот суд направил пропуст бидејќи не направил проверка на процесните претпоставки потребни за водење на постапката и поради тоа дозволил како подносител на иницијативата да се јави Комисијата за заштита од дискриминација.
– Комисијата за заштита од дискриминација, во моментот на поднесување на иницијативата нема правен субјективитет, а со тоа ни право да поднесува иницијативи до Уставниот суд, оценува Блупринт групата.
Во анализата Блупринт групата наведува и дека Собранието применило правилно мнозинство во донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а Уставниот суд несоодветно ги толкува уставните одредби.
– Остануваме на ставот дека не може да се негира уставното право на Собранието да донесува закони со мнозинство од вкупниот број на присутни пратеници а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Не можеме ниту на претседателот да му го ускратиме дискреционото правото да одлучува за потпишување на указот. На Собранието останува дали ќе обезбеди апсолутно мнозинство при враќање на законот за да потпишувањето стане обврска, односно должност на претседателот, оценуваат од Блупринг групата.
Од Блупринт групата за реформи во правосудството, исто така, не се согласуваат со искажувањата на Претседателот на државава дека е направен превид во процедурата.
– Со оваа одлука се направија поместувања во различните уставно пропишани мнозинства и истата може да преставува опасен механизам за опструкции од страна на Претседателот на Републиката и можност за изменување на уставно пропишаните потребни мнозинства за донесување на законите, стои во реакцијата од Блупринт групата.
Според Блупринт групата, новиот собраниски состав им должи на граѓаните веднаш по неговото конституирање, да го усвои Законот за спречување и заштита од дискриминација.
– Потребно е да се усвои Законот, а веднаш потоа и да се спроведе постапката за избор на нови комисионери во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел граѓаните конечно да добијат подобра, постручна и поефикасна заштита на нивните основни права и слободи, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството. аа/са/