Олеснувањето на трговијата е стратешка и политичка определба на државата и неопходност за подобра регионална соработка, истакна
вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој на покана на канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација (International Finance Corporation-IFC), дел од групацијата Светска Банка, се обрати на првиот, иницијален работен состанок за развој на Нацрт концепт за нов едношалтерски систем за трговија, кој се одржа преку видео конференциска врска.
Битиќи посочи дека овој проект е во насока на Владините стратешки определби за унапредување на регионалната соработка, при што се осврна на заклучоците од вчера одржаниот Самит за Западен Балкан, одржан во Софија, кадешто е усвоен акциски план за „Заеднички регионален пазар“, за да го сообразиме нашето идно учество на единствениот европски пазар и за „Зелена агенда“, за прифаќање на еколошките стандарди во пристапувањето кон ЕУ.
„Република Северна Македонија учествува активно во повеќе меѓународни иницијативи од кои би го истакнал договорот за ЦЕФТА, како и иницијативата „Мал шенген“ – чии придобивки се дел од новиот 4-годишен Акциски план за Западен Балкан кој беше усвоен вчера на Самитот на лидери кој се одржа во Софија во рамки на Берлинскиот процес. Целта на овој план е формирање на заеднички регионален пазар. Акцискиот план за заеднички регионален пазар ќе ја унапреди регионалната трговска размена на стоки и услуги, движењето на луѓе, капитал и знаење и ќе ги отстрани сите постоечки бариери за тоа дополнително со надградување на процесот на дигитализација, на инфраструктурата, со подобрување на конкурентноста на секое од стопанствата на земјите од регионот, како и со подобри вештини преку подобрено образование, истражување, иновации и зелен развој“, рече на почетокот од своето воведно обраќање вицепремиерот.
Битиќи нагласи дека секој напор за овозможување на подобра бизнис околина и вложувања во поедноставување на процесите е придобивка повеќе. Позитивното искуство на земјите од регионот од воспоставувањето на „зелените коридори“ за време на пандемијата во текот на оваа година е искуство кое е понудено да се сподели и практикува со нашите пријатели во Европската унија.
„Олеснувањето на трговијата не е само стратешка и политичка определба на државата. Таа е потреба и неопходност за постигнување напредни постапки за размена на добра и услуги воопшто. Во контекст на земјите од Западен Балкан уште позначајно имајќи ги предвид предностите кои како регион ги имаме во однос на пазарот на Европската унија, но не помалку значајно и кон другите пазари во светот. Сакам јасно да истакнам дека тука е нашата конкурентска предност, регионална конкурентност наместо конкуренција. Пост-ковид периодот полесно ќе го пребродиме и ќе се вратиме на брзи и одржлив стапки на економски раст, единствено ако ја искористиме оваа конкурентска предност“, потенцира Битиќи.
Регионот има заеднички недостатоци – неефикасни и троми економии, затоа треба да поттикнеме раст, продуктивност и креирање на квалитетни работни места. Едно од решенијата е да се подобри конкурентноста, изложеноста на нови технологии преку вложувања во развој и трансфер на технологии, а како во случајот на нашата економија и постигнување на ниво на економија од голем размер. За последното да се постигне побрзи и олеснети постапки за размена на стоки и услуги се особено важни. Извозот отвара можности за нови поголеми пазари, а со тоа и можности за зголемена продуктивност.
„При разгледување на потребата за одобрување на Проектот Western Balkans Trade and Transport Facilitation која денес ќе добие свој службен и редовен тек на спроведување, експертите на Светска Банка идентификувале дека времето поминато на граница кај земјите од Западен Балкан е пет пати подолго од она потребно во земјите од Европската Унија. Затоа оваа регионална иницијатива доби поддршка Светска Банка. Реализацијата на овој проект ќе резултира со намалување на трошоците за извоз и увоз, и тоа редукција на не-тарифните бариери, времето за царинење на стоките и сите други пропратни трошоци, за најмалку 10%. Подобрувањата на „Националниот едношалтерски систем“ е употреба на помалку хартија преку дигитализација на процесите, подобрена енергетска ефикасност и на новите и обновените објекти во транспортната и царинска инфраструктура и особено бес хартиените постапки, како и воведување на систем за управување со ризици во трговијата и отстранувањето на пречките во патниот транспорт“, подвлече вицепремиерот Битиќи.
Како носител на проектот за воспоставување на нов едношалтерски систем е назначена Царинската управа на Северна Македонија, која тесно ќе соработува со други 11 државни органи и институции кои се задолжени да издаваат дозволи за увоз, извоз или транзит на производи. Директорот на Царинска управа Ѓоко Танасоски посочи дека со воведување на новиот едношалтерски систем треба да се интегрираат сите постоечки ИТ системи во државата и да се усогласат со другите земји во регионот и земјите од ЕУ, со што значително ќе се олесни трговијата помеѓу земјите во регионот, но и на регионот со ЕУ. Тој нагласи дека Северна Македонија во однос на другите земји во регионот, уште од 2008 година го применува едношалтерскиот систем EXIM, со кој се интегрира издавањето на дозволи за увоз, извоз и транзит на производи и е добра основа за надоградба на едношалтерскиот систем.
Работните состаноци за развој на Нацрт концепт за нов едношалтерски систем за трговија се дел од проектот за олеснување на трговијата и транспортот, „Western Balkans Trade and Transport Facilitation“ и ќе се реализираат со финансиска и стручната подддршка од канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација во Скопје, кажа директорката на канцеларијата Магдалена Шољакова, при што додаде дека нацрт предлогот за нов едношалтерски систем, кој ќе произлезе од проектот, треба да биде изработен до месец март 2021 година.
Во проектот за изработка на Нацрт концепт за нов едношалтерски систем за трговија, како координатор се јавува Царинската управа, а ќе учествуваат и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и медицински средства, Инспекторатот за животна средина, Инспекторатот за земјоделство и Управата за заштита на културно наследство. Во подготовката на нацрт предлогот ќе асистира и консултантската куќа KGH од Шведска, а целиот процес е поддржан од Меѓународната финансиска корпорација, дел од Групацијата Светска Банка.