Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информира сите апликанти кои во текот на 2020 година, аплицираа за добивање на финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата, поточно преку Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства“, дека во финална фаза е обработката на барањата кои пристигнаа и беа комплетни на овој повик. Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека се очекува да се одобрат над 350 соодветни барања а апликантите во наредниот период ќе бидат повикани за да ги потпишат договорите.
„Вкупната финансиска поддршка за сите над 350 барања изнесува 9,2 милиони евра. Со потпишуваање на овие договори, целосно ќе биде искористен буџетот за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства“ кои беа одобрени со програмскиот опериод 2014 – 2020, односно, ќе се превземат финансиски обврски за сите расположиви средства од оваа мерка.“ – истакна директорот Бачовски.
Преку оваа мерка се реализираат инвестиции кои се однесуваат на следните приоритетните сектори: растително, сточарско производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделското стопанство, производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.
Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратен грант во износ од: 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка. Процентот се зголемува до 65% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.