Претседателот на партијата Единствена Макеоднија, Јанко Бачев поднесе приговор до ДИК и бара одговорност зошто името на нивната коалција „Никогаш Северна-Само Македонија“, било тргнато од гласачките ливчиња и наместо тоа останал само редниот број 11. Бачев вели дека се сомнева дека името на нивната коалција од избирачките ливчиња било отстрането по реакција од страна на грчката амбасада, непосредно пред почетокот на изборниот ден.
„ На овие избори останавме безимени. Во последен момент името на коалцијата беше тргнато од гласачкото ливче. Граѓаните беа збунети, но и ние, кога видовме дека стои само редниот број 11 и празно место. 20 дена водевме кампања под овој назив и бевме прифатени од страна на ДИК и заведени под ова име. Затоа денес поднесовме приговор по основ на изборна измама и повреда на избирачкото право на подносителот на листа. Немаме потврдено, но колку што разбравме реакцијата дошла од страна на грчката амбасада, која извршила притисок кај власта и ние останавме безимени. Срамно и штетно е ова што ни го направија “ вели Бачев.
Тој рече дека се сомнева и во изборна манипулација со гласовите на нивната коалција за што поднесе уште еден приговор до ДИК со кој бара увид во над 24 илјади гласачки ливчиња кои се водат како неважечки, а требало да бидат на нивно конто.
„ Имеме 24.066 неважечки ливчиња на кои е заокружен бројот 11, тоа е глас за нашата колација, но до нив стои некаков знак, цртичка или точка и така станале неважечки. Сомнително е како може толку многу гласови да бидат неважечки на ист начин. Затоа бараме увид во неважечките ливчиња кои според сознанијата од набљудувачите на терен се многу повеќе од оваа бројка“, изјави Бачев.
Според Бачев доколку не била нанесена штетата со овие измами врз нивната коалиција како што кажа, би имале најмалку двајца пратеници во Собранието.