Министерството за одбрана на Азербејџан денеска ги негираше извештаите на Ерменија дека 13 азербејџански беспилотни летала биле наводно соборени од ерменските вооружени сили во граничните судири, пренесува ТАСС.
„Ова е дезинформација. Тврдиме дека сите беспилотни летала во служба на единиците на Азербејџан се во функција и нема загуби“, рече портпаролот на Министерството за одбрана на Азербејџан, Вагиф Даргјакли.
Портпаролот на ерменското Министерство за одбрана, Артсрун Ованисјан, претходно тврдеше дека 13 азербејџански беспилотни летала биле соборени за време на граничните борби.
Ситуацијата на границата на Азербејџан иЕрменија ескалираше на 12 јули.
Азербејџанското Миистерство за одбрана извести за обид на единиците на ерменските вооружени сили да ги нападнат позициите на азербејџанската армија со употреба на артилерија, а Ереван извести дека ситуацијата на границата е влошена по обидот за пробив од страна на Азербејџан.
Азербејџан извести дека во текот на тридневни судири биле убиени 11 азербејџански војници, меѓу кои и генерал-мајор Полад Гашимов. Ереван објави дека загинале четворица ерменски војници, а десет се повредени.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу планинскиот регион Нагорно-Карабах (спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно е населена со Ерменци) избувна во февруари 1988 година откако автономниот регион Нагорно- Карабах го објави повлекувањето од Азербејџанската Советска Република.
Тензиите во 1992-1994 година експлодираа во голема воена акција за контрола над енклавата и над седум придружни територии откако Азербејџан изгуби контрола над нив. Разговорите за спогодба за Нагорно-Карабах се водат од 1992 година во форма на т.н. Група Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.