По неколку месечно затворање како дел од епидемиолошките ограничувања против Ковид-19, Ајфеловата кула денеска се отвори за посетителите.
Билетите се распродадени преку Интернет. Ајфеловата кула беше затворена кон крајот на минатата година поради пандемијата од коронавирус, кога владата ги затвори за посетителите местата каде што можеше да се соберат повеќе луѓе.
Париската атракција беше затворена и за посетителите во текот на пролетта 2020 година, кога вирусот започна да се шири во Европа.
Посетителите на Ајфеловата кула мора да носат маски и да одржуваат социјална дистанца.
Новите ограничувачки мерки стапуваат на сила на 21 јули, така што посетителите ќе треба да покажат негативен ПЦР тест, доказ за вакцинација или дека го прележале вирусот.
Ова правило во моментов не важи за малолетници.
Кулата стара над 130 години, сместена во близина на реката Сена, обично ја посетуваат околу 7 милиони луѓе годишно.
Минатата година беше забележан голем пад на бројот на посетители поради епидемиолошките ограничувања и помалку меѓународни туристи.