Утрински Весник
Македонија

Арсовска: Мојата визија за развој на Скопје има осум главни столбови

Арсовска: Мојата визија за развој на Скопје има осум главни столбови

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Арсовска, денеска ги презентираше осумте столбови од нејзината визијата за главниот град, односно осумте принципи и цели на нејзината работа.

„Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани. Второ, Скопје мора да биде дигитализиран град. Трето, Скопје мора да има многу повеќе зеленило. Четврто, Скопје мора да биде град со среден и функционален сообраќај. Петто, Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Шесто, Скопје мора да ја врати солидарноста и хуманоста и да се посвети на своите граѓани. Седмо, Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. И осмо, Скопје мора да биде град за сите”, порача Арсовкса.

Таа и подетално ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје.

„Отворен град значи да има 100% транспарентност и нула толеранција за корупција.

Скопје мора да биде модерен европски град и ќе има мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните.

Врз столбот зелено Скопје ќе се заштити зеленилото и значително ќе се намали загадувањето. Ќе се реализираат проекти за 5 нови мега-паркови. Секоја година ќе бидат засадени 100.000 нови дрвја. Ќе иницираме заштита на Водно со закон. Ќе ги исчистиме дивите депонии во првите 82 дена од мандатот.

Мобилно Скопје значи бесплатен јавен превоз и крај на сообраќајниот метеж. 250 нови еко-автобуси ќе ја заменат старата флота и ќе го направат јавниот превоз поудобен и поеколошки.

Скопје го гледам како дигитален центар на Балканот бидејќи ја имаме најталентиранита младина кога станува збор за кодирање, софтверски инженеринг и информациска технологија што е дел од економијата на иднината.

Секој месец по еден фестивал, 12 фестивали годишно, кои Скопје го промовираат во главен град на културата.

Живописно Скопје за да бидеме Европски главен град на културата. Скопје мора да ја заживее културната сцена, со поддршка за независните уметници и музичари и со подобрување на инфраструктурата на објектите од културата.

Солидарноста на градот ќе се врати преку солидарно Скопје како град што се грижи за сите свои жители. Градот ќе воспостави неделна услуга за доставување и помош за стари и изнемоштени лица и за лица со инвалидитет и ограничена подвижност. Во сите јавни канцеларии и објекти во надлежност на градот ќе се обезбеди пристап за лицата со попречености. За младите ќе обезбедиме младински центри во сите општини и ќе го зголемиме бројот на социјални работници во училиштата. За жените ќе изградиме безбедни куќи и ќе воспоставиме специјална апликација за итна поддршка во случај на семејно насилство.

Иднината подразбира силни инвестиции во образованието на младите, а ние ќе овозможиме нова гимназија, нови објекти за дел од постоечките средни стручни училишта, нова библиотека и читални. Таа иднина ќе се гради и со вложување во спортот и здравиот живот. Затоа приоритет ни е зелен спортски кеј во должина од 40 километри од Ѓорче Петров до Долно Лисиче со спортски содржини за сите генерации од двете страни на реката Вардар.

Урбаниот развој на Скопје, со години, беше фокусиран само на развој на централните делови на градот, додека подалечните населби беа заборавени и тие имаат еднакво право на модерна инфраструктура. На Скопје му е потребно чисто и организирано водоснабдување за да им се обезбеди на граѓаните чиста вода за пиење без секојдневни прекини и дефекти. Ќе започнеме програма за модернизација и ревитализација за запоставените населби и села. Буџетот за реконструкција на патишта и друга основна инфраструктура ќе биде рамномерно распределен на сите делови на Скопје. Секоја населба ќе има паркови и спортска инфраструктура”, објасни Арсовска дефинирајќи ги осумте столбови врз кои ќе ја гради визијата за Скопје.

 

Можете да прочитате

Пендаровски: Мицкоски не направи ништо за државата, а сега лаже дека со нив подобро ќе се живее

Силјановска-Давкова: Потребен ни е професионален кадар на соодветни безбедносни позиции

Маричиќ: Имаме план за зелена Македонија во која граѓаните ќе станат акционери на енергетските компании