Утрински Весник
Македонија

Арсовска бара извинување од СДСМ поради тоа што ја нарече „поранешен партиски донатор“, во спротивно најави тужба

Арсовска бара извинување од СДСМ поради тоа што ја нарече „поранешен партиски донатор“, во спротивно најави тужба

Кандидката за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која претходно денеска ја доби поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, реагира на соопштението на СДСМ и бара извинување поради посоченото дека е „поранешен партиски донатор“.

„За лагите и шпекулациите дека сум донатор на било која политичка партија ги повикувам засегнатите да поднесат каков било доказ. Бидејќи тоа не е вистина, барам веднаш јавно да се извинат, во спротивно мојот правен тим ќе покрене соодветна постапка пред надлежните судски инстанци“, најави Арсовска.

Таа нагласи дека искрено жали што иако кампањата за градоначалник се’ уште не е почната, а нападите кон неа како личност не престануваат.

Во однос на наведеното од СДСМ дека таа е кадар на експремиерот Никола Груевски, Арсовска вели дека како претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија со премиерот Зоран Заев остварила далеку повеќе средби и контакти на официјални форуми отколку со Никола Груевски, а тоа не значи дека е човек на Заев.

„Не сум човек на господинот Заев, како што не сум човек ни на господинот Груевски. Ако треба да бидам нечиј човек, ќе ја прифатам улогата да бидам човек на скопјани“, вели Арсовска.

Во однос на нејзиното назначување како почесен конзул на Унгарија, Aрсовска потенцира дека за истото согласност и одлука донесе актуелната Влада предводена од СДСМ, додека егзекватура за истото е потпишана од актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Додава дека нејзиниот мотив за влез во оваа градоначалничка трка е исклучиво подобрување на стандардот на граѓаните на Скопје.

Можете да прочитате

Деца државјани на Велика Британија го запалиле пожарот кај Стајковци

МНР го повикала на разговор бугарскиот амбасадор поради навредливите изјави на Георгиев

Температурите паднаа за 15 степени, измерени се само 4 степени во Македонија!