Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи вели дека малку е веројатно оти коронавирусот некогаш ќе биде целосно искоренет.
„Мислам дека комбинацијата на добри мерки во јавното здравство, нивото на глобалниот имунитет и добра вакцина ќе успеат да ја доведат короната под контрола оваа или следната година. Но, се сомневам дека целосно ќе ја искорениме“, рече Фаучи.
Неговиот коментар не се сложува со оној на американскиот претседател Доналд Трамп кој тврди дека вирусот ќе исчезне.
Фаучи вели дека вирусот се разликува од САРС, вид на коронавирус кој се појави на почетокот на 21 век. Тој вели дека Ковид-19 е неверојатно успешен во пренесувањето од човек на човек и има широк спектар на симптоми.
„Никогаш не сум видел инфекција со таков широк распон на симптоми. Некои имаат послаби симптоми, некои се во кревет со месеци, а некои во болница на интензивна нега“, вели Фаучи.
Бројот на регистрирани случи на зараза со новиот коронавирус во САД во четвртокот надмина четири милиони што укажава на забрзано ширење на заразата од првиот случај регистриран на 21 јануари, пренесува „Ројтерс“.
На САД им беа потребни 98 дена да стигнат до милион заразени, а сега само за 16 дена од три стигнаа до четири милиони, тврди новинската агенција. Просечно новите случаи со Ковид-19 растат по 2.600 на час, што е највисока стапка на светот.