И покрај сериозните и директни забелешки за криминалот и корупцијата, како и за недостигот на правда во земјава, од страна на меѓународните организации, скандалите во обвинителството и судството се зголемуваат, реагираат од Алијанса за Албанците.
„Денеска пред очите на целата јавност таканареченото обвинителство за гонење организиран криминал и корупција наместо да го гони, реши да склучи пакт со криминалот. Ова потоа беше одобрено од кривичниот суд и со тоа на осомничените криминалци како Орце Камчев со компанијата им се овозможи да си ја откупат слободата со 5.3 милиони евра. Парите што требаше да бидат конфискувани се искористени за купување на правдата, додека за да се фрли прашина во очите на граѓаните, Камчев е осуден на една година затвор каде ќе му се пресмета притворот, што значи дека останува на слобода во овој случај“, посочуваат од оваа партија.
Оценуваат дека хибридниот режим СДСМ-ДУИ, како што го нарекуваат, не се бори против криминалот, туку како што велат, се бори против граѓаните и целата меѓународна заедница кои секојдневно алармираат за критичната состојба во правосудниот систем.