Утрински Весник
Економија

Акумулацијата Стрежево порибена со 6.000 единки крап и пастрмка

Акумулацијата Стрежево порибена со 6.000 единки крап и пастрмка

Скопје, 22 јуни 2020 (МИА) – Вкупно 1.000 единки подмладок од крап и 5.000 единки подмладок од пастрмка се пуштени денеска во акумулацијата Стрежево. Порибувањето на кое присуствуваше министерот за земјоделство, Трајан Димковски, е дел од активностите за зголемување на популацијата риби.

-Со водите од акумулацијата Стрежево се наводнуваат околу 5.000 хектари обработливо земјоделско земјиште, се снабдуваат со сирова вода системот за водоснабдување на Битола и околните населби и се произведува електрична енергија од четири мали хидроцентрали. Акумулацијата Стрежево како дел од овој хидросистем, претставува рекреативна зона каде во убавата природа уживаат жителите на околните места, но и спортските риболовци, рече Димковски кој беше придружуван од директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.

Концесијата за управување со ова езеро од минатата година е во надлежност на ЈП „Стрежево“ кое, според министерот, ја оправда довербата, добро управува и стопанисува и успешно се грижи за зачувување на рибниот фонд.

-МЗШВ постојано се грижи за одржување на рибниот фонд во езерските и речните води на територија на целата држава. Со тоа овозможуваме одржување и зголемување на популацијата риби, а воедно тоа значи и грижа за зачувување и заштита на животната средина, спречување еколошки проблеми и зачувување на биодиверзитетот, по примерот на државите од европското семејство, што е и наша цел, истакна Димковски. мч/са/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ: Македонската економија тоне, Мицкоски фантазира за четврта економија во Европа

До крајот на месецов треба да биде познато какви мерки би се донеле за зголемувањето на цените

УЈП на средба со стопанствениците од Прилеп и со субјектите кои закупиле штандови за манифестацијата „ ПИВО-ФЕСТ 2025“