Потпретседателот на Авганистан преживеа обид за атентат во главниот град Кабул, информира неговиот кабинет цитиран од „Анадолија“.
„Конвојот на Амрулах Салех беше цел на бомба крај патот во областа Тајмани во главниот град за време на утринскиот шпиц“, гласи изјавата од неговиот кабинет.
Иако Салех, постариот од двата потпретседатели на Авганистан, остана неповреден, најмалку шест лица загинаа, а 12 се повредени во нападот, посочува Министерството за здравство.
Салех, поранешен шеф на разузнавањето и строг критичар на талибанците објави видео порака веднаш по нападот.
„Мојата борба против тероризмот ќе продолжи“, нагласи тој.
Салех минатата година избегна напад врз неговата изборна канцеларија во Кабул, во кој загинаа најмалку 20 лица.