Утрински Весник
Култура

Официјално отворање на третиот „Галичник филм фестивал“

Официјално отворање на третиот „Галичник филм фестивал“

Овој викенд центарот на универзумот ќе биде Галичник! Извезен под ѕвезденото небо на недопрената Галичка убавина на височина од 1500м2, денес ќе биде свеченото отворање на третиот по ред Галичник филм фестивал. Викенд во природа, богата филмска програма еднаква на големите помпезни филмски фестивали и добра музика, спакувани во три-дневна магија надвор од хаосот на градот!, најавува организаторот.

dobivaj vesti na viber

Според најавите, филмови кои ни доаѓаат директно од Cannes Film Festival, Oscars, Sundance, IDFA, Toronto International Film Festival, Locarno Film Festival, овој викенд ексклузивно ќе бидат проектирани за префинетото око на љубителите на кинематографијата. Официјалната селекција со 23 краткометражни филмови од цел свет, ќе сместени во следните категории: играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови. Како дел фестивалот, по завршувањето на проекциите следи музичка програма за уште поголемо уживање под богатото соѕвездие на Галичкото небо.

Како дел од жири комисијата оваа година се актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски, победник на минатогодишниот Галичник филм фестивал со филмот „Налепница.“

Третиот Галичник филм фестивал несомнено ќе биде огромен предизвик за изострениот вкус на овие големи уметници имајќи го предвид фактот дека оваа година во игра се неверојатни 23 филмови кои секој на свој начин доаѓаат со својата единственост и уметничка тежина, но и позадина на веќе нанижани признанија ширум светот.

Како дел од „Галичник филм фестивал“, од 3ти до 5ти август, беше одржана „Екс – ЈУ“ работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски, во рамки на истата учество земаа 5 проекти: „Дали е тетка Божана, тато?“ – Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ – Македонија, „Не е добар ден за паркирање“ – Филип Лафазановски – Македонија „Базен-дупка“ – Ана Вуќичевич – Србија, „Брат и Мајка“ – Александар Вујович – Црна Гора, „Цут“- Тамара Брочич.

Повикувајќи се на традицијата за филмски проекции во старото кино, во чест на минатото кога со магариња од Јанче се носеле филмските ленти, и со носталгија за тоа како кровот во старото кино татне да чуе макар уште еден галички аплауз за некој нов филм, овој викенд бидете дел од кинематографското соѕвездие.

Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат ДАРМА ФИЛМ и МЗ Галичник. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.

Можете да прочитате

Концерт за виола и пијано на „Охридско лето“

Отворен форумот за локални практики во филмската дејност

Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на „Охридско лето“