Утрински Весник
Македонија

Министерството за здравство апелира да се почитуваат протоколите за плажите и базените

Министерството за здравство апелира да се почитуваат протоколите за плажите и базените

Во пресрет на продожениот викенд и со оглед на зголемениот број посетители во туристичките места низ државата, Министерството за здравство апелира да се почитуваат донесените протоколи од Комисијата за заразни болести, кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во текот на пандемијата со Ковид-19, како од страна на посетителите, така и од страна на вработените.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетители за носење лична заштитна опрема на лицето, што го покрива делот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.

Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со Ковид-19, покрај задолжителното почитување на основните превентивни мерки: носење лична заштита на лицето, држење физичка дистанца од два метра, често миење на рацете со вода и сапун, или со средство за дезинфекција, се предвидува и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите и точното и видливо информирање на посетителите со информативно-едукативен материјал, во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, и гласовно информирање за придржување кон препораките.

На плажите е задолжително меѓу поставените чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, а растојание од 1,5 до 2 метра меѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица, кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките. На плажите не се препорачува користење гардероби на плажа.

Воедно, протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19 ги уредува и санитарно-хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19.

Во однос на работата и функционирањето на базените, во протоколот за работа на базените во тек на пандемија со КОВИД-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, утврдено е пред билетарите задолжително да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 до 2 метра.

Исто така, меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 до 2 метра или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички и да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.

Користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување ред од назначени лица од редарска служба.

Се препорачува зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои два часа (по потреба и почесто). При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Клиничка болница- Штип должи 160 милиони денари

Финансиската полиција со значајни резултати – 22 пријави за криминал во првите четири месеци

Обвинителство бара да се распише потерница за Васко Ковачевски