Вториот ден од фестивалот „Звукот на Скопје“ донесе уште музика со „Баклава“ „Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, Бла, Бла, Бла, Дориан и Добрила Дуо, „Перија“, „Брука бенд“, „Foolish green“, изложба на плакати од Игор Калц и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“.
![]()
Поради дождот дел од настапите, оние предвидени да се одржат на Ибни Пајко, се префрија во просториите на Културно информативниот центар –Скопје, а публиката таму ги исполни салите до последното место и уживаше со секој звук од проектот „Со љубов за Скопје“ на групата „Баклава“, традиционалната музика од Балканот на „Перија“, музичката авантура на Дориан и Добрила Дуо, како и во препознатливите визуелни елементи на колажите на Игор Калц и авантурите на малото куферче од претставата „Куферко, светскиот патник од Македонија“ во која уживаше најмладата публика.
![]()
На плоштадот Мајка Тереза, пак, дождот не ги спречи скопјани да дојдат во голем број и да ги следат настапите на бројните македонски бендови кои учествуваа на годинешното издание на „Звукот на Скопје“.
![]()
Танцуваа и пееја со нив, ја славеа уметноста, се забавуваа. Манифестацијата уште еднаш организираше прекрасно музичко патување, а гостите и учесниците испратија модерна, моќна и енергична музичка разгледница за Скопје.



