
Во Чаир, институциите се претворени во алатка за партиски интереси и изборни манипулации, оцени кандидатот за градоначалник Бујар Османи, кој на денешната прес-конференција остро ги осуди злоупотребите на државни средства во изборна кампања.

Тој најави дека по преземањето на функцијата ќе биде спроведена детална ревизија на сите активности, и јавно праша: како е можно Изет Меџити, кој е министер за животна средина, да промовира проекти во Чаир без присуство на сè уште актуелниот градоначалник.
„Ова, во една нормална земја, би бил најголемиот можен скандал. Градоначалникот се крие, а некој друг промовира проекти во име на општината. И тоа не смее да се случува. Ќе направам ревизија на сите овие проекти што се прават сега, во отсуство на градоначалникот, и во отсуство на реална контрола. Како некој друг интервенира со изборни проекти без никаква законска процедура“, истакна Османи.
Тој најави дека ќе стави крај и на политичките уцени со предметите за легализација што со години се кријат во општинските фиоки.
„Околу 13.000 барања имало во Чаир. Многу од тие предмети не се решени, држени се во фиоки и се чуваат за избори, за да се користат како ветување кон граѓаните ‘ако ни го дадете гласот, ќе ви ги легализираме куќите’“, рече Османи.
Тој додаде дека оваа пракса ќе биде прекината уште во првите денови по преземањето на функцијата.
„За шест месеци, таму каде што има правна основа, нема да остане ниту еден предмет. Не смееме да ги условуваме граѓаните со работи за кои имаме обврска кон нив“, потенцираше тој.
Османи најави дека ќе направи јасна разлика меѓу социјалните доградби и комерцијалните урбани злоупотреби.
„Ќе направиме разлика помеѓу социјалните градби, како проширување на балкон, соба или куќа, и комерцијалните градби, кои се урбан криминал и преку кои некои сакаат да заработат милиони“, изјави тој.