
Андреј Жерновски преку својот Фејсбук профил упати критика до премиерот Христијан Мицкоски и владината надворешна политика, коментирајќи ја веста за суспендирање на имигрантската политика на САД кон Македонија.
Жерновски со ироничен тон констатира дека власта конечно нашла „успешна стратегија“ за спречување на иселувањето – не преку подобрување на стандардот, туку преку меѓународна изолација.
Жерновски истакнува дека додека владата декларативно зборува за задржување на младите, во пракса се случува сосема спротивното – светот ги затвора вратите за македонските граѓани.
„Браво за Мицкоски! Конечно најде ’стратегија‘ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи. Не со подобри плати, не со квалитетно образование… туку со меѓународни рестрикции,“ пишува Жерновски.
Според него, ова е политика на затворање каде младите не остануваат затоа што сакаат, туку затоа што „не можат да заминат“.
Поранешниот пратеник и градоначалник посебно се осврна на наративот што Мицкоски го гради веќе две години – наводните „специјални односи“ со САД и близината до Доналд Трамп. Жерновски смета дека реалноста сурово го демантирала тој мит.
„Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е во периметарот на Трамп‘, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија,“ додава тој.
Жерновски заклучува дека вината не треба да се бара во Вашингтон, туку во домашната, како што вели, „неспособна и саморекламерска надворешна политика“. Тој потенцира дека додека премиерот зборува за пријателства, државата и граѓаните ја плаќаат цената на изолацијата.
„Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена,“ поентира Жерновски во својот статус.


