Утрински Весник
Македонија

Жерновски: Мицкоски е Орбан Џуниор – вистината е како шило

Andrej zernovski sdsm 1.jpeg

Прес конференција на Андреј Жерновски член на Извршниот одбор на СДСМ

Добар ден, почитувани претставници на медиумите. Благодарам за присуството.


Дозволете денеска да кажам многу битни работи што СДСМ ги смета за актуелностите коишто се случуваат, како на домашен, така и на меѓународен план.

Падот на авторитарниот режим на Виктор Орбан има директни последици не само врз целиот регион, туку и врз оние политичари коишто беа под негова директна заштита. Тука секако спаѓа и Христијан Мицкоски, наречен „Орбан Џуниор”.

Вчера германските медиуми го потврдија тоа што СДСМ со месеци го зборува. Прво, дека се работи за една голема транснационална мрежа која функционира под заштита, односно под директниот чадор на Виктор Орбан. И второ, мрежа која контролира медиуми, финансиски текови и која функционира врз основа на контрола на бизнисите.

Втората работа што е многу битна и која граѓаните мора да ја знаат е дека Германија и Европа го разобличија Мицкоски, го нарекоа, цитирам, „авторитарен политичар” и го ставија во друштво на Вучиќ и Додик, при што целата таа група беше наречена „авторитарно братство”.

Ете како Германија, ете како Европа го перципира Христијан Мицкоски, но за жал, ете како ја перципира и нашата држава.

Тоа е корумпиран систем на политичка, финансиска и медиумска контрола, директно спротивставен на европските демократски вредности, или ако сакате – продолжена рака на Русија во Европа.

Германските медиуми точно го потврдија тоа што СДСМ го зборуваше – што ќе се случи ако падне Орбан. Тоа значи слабеење на автократските и антиевропските влијанија.

Се сруши главното оружје кое го користеше Мицкоски, а тоа беше тврдењето дека ова се само наративи на СДСМ. Не. Ова што денес Европа и Германија го оценуваат кај Мицкоски веќе не е напад на домашната опозиција. Ова се нарекува меѓународна дијагноза.

Тоа секако е лоша вест за Мицкоски и неговата екипа, но е добра вест за граѓаните, затоа што мора да се ослободиме од овие стеги.

Историската победа на демократијата над авторитаризмот во Унгарија, ако сакате – на Европа над корупцијата, или на владеењето на правото над злоупотребата, испраќа порака до целиот регион.

Почитувани граѓани,

Овде веќе не станува збор за битка помеѓу власт и опозиција. Овде станува збор за битка помеѓу демократија и авторитарен режим. И тоа ќе биде изборот на следните избори.

За Македонија ова има особено значење, затоа што владата на Мицкоски ги стави стратешките интереси на државата директно во рацете на Виктор Орбан – се разбира, за свои цели и за свои бизнис интереси.

Телекомуникациите, за кои многупати зборувавме, енергетиката, медиумите и финансискиот сектор – цели системи беа поврзани во оваа мрежа.

Денеска, кога Орбан паѓа, ВМРО како организирана криминална група е во огромна паника.

Сакам денеска да бидам многу прецизен, во име на СДСМ: ќе бараме целосна и темелна истрага за сите финансиски и бизнис интереси и врски помеѓу Орбан и Мицкоски.

Нема веќе криење. Нема веќе лажење. Ќе одговара секој што го направил ова злодело.

Граѓаните имаат право да ја дознаат вистината, особено затоа што се работи за нивните пари.

Доаѓа време на вистина. Доаѓа време на правда. И секако, доаѓа време на одговорност.

По најновата изјава на идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, дека Унгарија повеќе нема да биде оаза за пребегнати криминалци, сакам да упатам директна порака до Министерството за правда – без одолговлекување, веднаш да се пристапи кон барање за враќање на Груевски онаму каде што го направи криминалот, а тоа е Македонија.

Вистината е како шило, нели Никола – а правдата, иако знае да доцни, на крајот секогаш стигнува.

Можете да прочитате

Прево: Еден од главните услови за успех на процесот на проширување е самата ЕУ да го ревидира својот процес на одлучување

Средба на министерот Муцунски со Максим Прево

Му го попречиле патот со возило, па физички го нападнале во Бутел