
Се поголем број на медицински сестри, техничари и лекари ја напуштаат Македонија и заминуваат да работат во Германија и другите земји од Европската Унија. Само во последните шест месеци енормен број на здравствени работници со медицинска струка поднеле документи за признавање диплома во Германија, што претставува алармантен тренд за македонскиот здравствен систем.
Заминувањата не се новост, но бројот расте – и тоа побрзо од претходно. Главната причина, како што посочуваат дел од здравствените работници, е незадоволството од ниските плати, лошите услови за работа, но и недостигот од перспективи и системска поддршка во кариерата.
„Работев седум години како медицинска сестра во јавно здравство. Платата со сите додатоци не надминуваше 36.000 денари. Работев по две смени, а почитување или унапредување – никаде. Во Германија, почнувам со 2.800 евра и можност за напредување“, вели соговорничка за 24инфо, медицинска сестра која пред две недели заминала за Минхен.
Проблемот не е само економски. Според здравствени соговорници, македонскиот здравствен систем страда од „хронична нефункционалност“ – недостиг на кадар, застарена опрема, политички влијанија при вработување, и неефикасен систем на стручна едукација.
„Секоја реформа се сведува на козметички мерки. Наместо да задржиме квалитетни лекари и сестри, ние ги тераме да си одат“, ни вели соговорничката. „Со секое заминување, не трпи само болницата – туку и пациентите“.
Германија, од друга страна, веќе подолг период води активни програми за привлекување странски медицински кадар. Според податоците на германската агенција за вработување, Македонија е меѓу топ 10 земји по број на медицински работници што аплицираат за работна дозвола.
Министерството за здравство засега нема излезено со официјален став, но извори за 24инфо потврдуваат дека „се чувствува сериозен недостиг на медицински персонал, особено во помалите градови и руралните средини“.
Граѓаните веќе ја чувствуваат последицата. Чести се случаи каде пациенти чекаат со денови за основен преглед, а работата во болниците често се одвива на граница на издржливост.
Прашањето што останува е: дали државата ќе преземе конкретни чекори за да го задржи здравствениот кадар, или и понатаму ќе сведочиме на „тихо празнење“ на македонските болници?