
Со одлука на менаџментот, сите вработени во телевизијата Клан Македонија од вчера се отпуштени од работа, дознава 4NEWS.mk. Ова е уште еден сигнал дека оваа медиумска куќа со национална лиценца, која во минатото се промовираше како глас на граѓаните, се соочува со крајот на своето постоење.
Телевизијата сè уште не ја подмирила годишната обврска кон Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), а според наши информации, рокот за плаќање истекува наредната среда. Но не ги исполнува ниту минималните технички, просторни, финансиски и кадровски услови за радио и ТВ емитување, утврдила Агенцијата пред четири дена.
Клан Македонија пред повеќе од една година доби нови сопственици – од Клан Косово, откако претходно беше дел од медиумската групација Клан Албанија на бизнисменот Александар Франгај. Нов менаџер во Скопје тогаш стана Фатон Шоши, сопственик на порталот Индекс онлајн.
Телевизијата која емитуваше вести, ток-шоуа, документарни и забавни емисии на македонски и албански јазик преку кабелски оператор, своето прво влегување на медиумскиот пазар го имаше во 2018 година со преземањето на локалната ТВ Арт.