Утрински Весник
Свет

Земјотресот во Турција остави многу деца без семејства, од траумата некои од нив не може ни да зборуваат

Земјотресот во Турција остави многу деца без семејства, од траумата некои од нив не може ни да зборуваат

Катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија досега однесоа најмалку 41.000 животи, а од урнатините продолжуваат да се појавуваат чудесни приказни за спасување на затрупаните, вклучувајќи и новороденче пронајдено со папочната врвца сè уште прикачена на мртвата мајка.

dobivaj vesti na viber

Тоа бебе го добило името Аја, што значи „чудо“, а таа е единствениот преживеан член од нејзиното потесно семејство кога во земјотресот во Сирија ги загубила родителите и четирите браќа и сестри. Откако фотографиите од повреденото девојче го обиколија светот, се појави ново прашање – што ќе биде со неа?

Од разни делови на светот почнаа да пристигнуваат стотици понуди од луѓе што сакаа да ја посвојат. Аја, сепак, има роднина што ќе се грижи за неа кога ќе излезе од болница иако и самиот моментно е бездомник. Салах ал-Бадран и неговото 11-члено домаќинство живеат во шатор бидејќи нивната куќа беше уништена во земјотресот, изјави тој за АП.

Би-би-си пишува дека многу деца спасени од урнатините биле донесени во болницата во Адана од други региони само затоа што таа е единствената институција што не е срушена во земјотресот.

Многу други медицински центри во зоната на катастрофата беа уништени или оштетени, а Адана стана место за спасување. Новородените бебиња биле префрлени во таа болница од породилиштето, кое било многу оштетено.

Би-би-си наведува дека повредените деца, кои се примени во градската болница во Адана, се премногу мали за да знаат што изгубиле. Има стотици случаи на неидентификувани деца, чии семејства се мртви, а меѓу нив има и шестмесечно девојче, чии родители не се пронајдени.

Таа на одделот за интензивна нега е позната само по знакот на нејзиниот кревет – „анонимна“.

„Знаеме каде е пронајдена, но се обидуваме да ја дознаеме адресата. Потрагата продолжува“, изјави д-р Нурсах Кескин, педијатар и заменик-директор на болницата, за Би-би-си.

Дури и постарите деца не може веднаш да го откријат својот идентитет поради шокот. Во болницата во Адана е сместено и 6-годишно девојче, кое поради траума не може да зборува. Д-р Илкнур Банкесур за Би-би-си изјави дека децата си ги знаат своите  имиња и дека ќе се обиде да разговара со нив кога нивната состојба ќе се стабилизира за неколку дена.

„Засега имаме само контакт со очите и гестови“, рече таа.

Децата се една од најранливите групи во секоја катастрофа, природна или човечка предизвикана. Сега на многу деца, како што пишува Би-би-жси, им се избришани имињата, како на шестмесечното девојче во болницата во Адана.

Аја и анонимното девојче се меѓу многуте деца што останаа без семејство во земјотресот од 7,8 по Рихтер, што на 6 февруари ги погоди северна Сирија и југоисточна Турција и чија понатамошна судбина е отворено прашање.

Според „Вашингтон пост“, тие го сочинуваат преголемиот број деца што останале сираци поради земјотресот.

Турските здравствени власти соопштија дека моментно има повеќе од 260 повредени деца, кои не се идентификувани.

Официјалните лица се обидуваат да ги идентификуваат децата со адреси, но овие локации често се само урнатини. Во најмалку 100 случаи неименувани деца веќе се згрижени, наведува Би-би-си.

Некои деца се обединија со своите семејства, како што е трогателниот случај на Нилај и Џенгиз Фансе, кои го најдоа живо своето осуммесечно бебе.

Додека некои деца имаа среќа, други, како што го опиша Би-би-си, се „анонимни деца на земјотресот“.

Некои ги земаат роднините, како во случајот со малата Аја, а турската влада апелира до луѓето да се пријават за згрижувачки семејства. Во тешко погодените области се формираат импровизирани сиропиталишта, но ќе помине долго време додека семејствата да се обединат онаму каде што е можно.

Иако посвојувањето во моментот не е опција за помош на децата сирачиња од земјотресите во Турција и Сирија, постојат и други начини за помош. На организациите на терен им се потребни донации за да платат услуги за професионална помош и тешка опрема, пренесе „Блиц.рс“.

Можете да прочитате

Русија тврди дека зазела уште две населби во регионот Доњецк

Иран изградил фабрики за оружје во неколку држави

Емине Ердоган ја повика Меланија Трамп да покаже сочувство и за децата во Појасот Газа