
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека најновите разузнавачки податоци укажуваат на подготовки за нов бран големи руски напади врз земјата. Тој посочи дека фокусот во моментов е ставен на зајакнување на воздушната одбрана и дека Украина интензивно комуницира со сојузниците за обезбедување дополнителни ракети и системи, бидејќи постојните резерви се недоволни.
Зеленски нагласи дека е важно партнерите навреме да реагираат на овие потреби. Украинскиот лидер додаде дека Министерството за одбрана работи засилено и ги повика граѓаните сериозно да ги следат алармите за воздушна опасност. Тој потсети дека и претходно предупредил на можен голем напад, по што Русија извршила ракетни и дрон-напади врз повеќе региони, вклучително и Киев и Лавов, при што биле погодени станбени зони и критична инфраструктура.

