Највисокиот суд на Обединетите нации во Хаг ја заврши историската постапка за законитоста на израелската окупација на Палестина, а повеќето земји на сослушувањето изјавија дека Израел го крши меѓународното право.
Во текот на шест дена, Меѓународниот суд на правдата сослуша досега невиден број земји, дури 52, а повеќето од нив се изјаснија дека Израел го крши меѓународното право и повикаа на формирање независна палестинска држава.
„Вистинската пречка за мирот е очигледна, продлабочената израелска окупација на палестинските територии, вклучувајќи го и источен Ерусалим, и неуспехот да се имплементира визијата на две држави, Израел и Палестина кои живеат една до друга“, рече турскиот заменик министер за надворешни работи Ахмет Јилдиз.
Сослушувањата се занимаваа со барањето на Генералното собрание на ОН за необврзувачко мислење за законитоста на политиката на Израел. Судот ќе го соопшти мислењето на „догледно време“. Во просек, советодавните мислења се објавуваат шест месеци по усната постапка.