
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, од општина Новаци денес порача дека подобрувањето на системот за управување со отпад и справувањето со аерозагадувањето ќе бидат во фокусот на неговиот мандат. Како конкретен чекор во таа насока, денес официјално започна реализацијата на регионалниот модел за управување со отпад, поддржан со инвестиција од околу 11 милиони евра за набавка на опрема за селекција и транспорт.
„Проектот ќе опфати над 400.000 граѓани од 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион и е директно поврзан со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци, како и со претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар“, изјави Хоџа, додавајќи дека 2026 година ќе биде клучна за поставување на основната инфраструктура.
Министерот информираше дека веќе е во тек подготовка на јавна постапка за изградба на регионалната депонија за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која се очекува да биде реализирана во период од шест месеци. „Паралелно, се финализира постапката за депонијата во Полошкиот регион во Русино, а објавен е и јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион“, рече Хоџа.
На настанот што се одржа во Битола, на кој присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, Хоџа истакна дека со почетокот на изградбата на три регионални депонии во 2026 година, земјата прави значаен исчекор кон современ, одржлив и европски усогласен систем за управување со отпад. Тој упати благодарност до ЕБОР, SECO, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Владата на Шведска, преку кои се обезбедени околу 90 милиони евра за реализација на проектите. Воедно, Хоџа се заблагодари и на локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија, упатувајќи повик за заедничка и координирана соработка со сите релевантни чинители за создавање почиста и поздрава животна средина.



