Шефот на руската платеничка група, Вагнер, најверојатно ќе го сврти своето внимание од војната во Украина, објави „Блумберг“ во четвртокот, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Според извори на „Блумберг“, Евгениј Пригожин планира да го префрли својот фокус назад кон Африка, за каде се верува дека има негови борци. Станува збор за земји како Судан, Централноафриканската Република, Мали.
Се верува дека наводната промена на планот е поврзана со неодамнешните несогласувања помеѓу Пригожин и највисоките воени команданти кои посеаја сомнежи кај рускиот претседател Владимир Путин за воените способности на Вагнер, изјавиле за „Блумберг“ луѓе блиски до Кремљ и разузнавачките служби, кои сакале да останат анонимни.
Наводно, командантите тврделе дека резултатите што ги постигнал Вагнер во Украина дошле со фрлање на огромен број регрутирани затвореници во смрт, објави „Москва тајмс“. Претходно, Пригожин беше снимен како лично регрутира затвореници да се борат за Вагнер во Украина, а снимките биле направени во неколку руски затвори кон крајот на летото и почетокот на есента.
„Блумберг“ додава дека операциите на Вагнер во Африка веројатно ќе привлечат поголемо внимание од Пригожин, доколку ситуацијата во Украина стане потешка за платеничката група.
„Нацрт-известувањето на Вагнер објавено во понеделникот, исто така, нуди барања за служење во Африка кои се движат од девет до 14 месеци, наведувајќи дека оние што се регрутирани ќе бидат сместени во резерва“, напиша медиумот.
По години работа во сенка, Вагнер групата зачекори во центарот на вниманието среде инвазијата на Украина и презеде водечка улога во борбите за источниот град Бахмут од летото 2022 година, земајќи големи загуби во процесот.
Но, тензиите меѓу Вагнер и Министерството за одбрана на Русија тлееја со месеци бидејќи Пригожин ја обвини руската војска дека ја презема заслугата за победите на борците на Вагнер и го забавува напредувањето на единиците на Вагнер.