Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, посочи дека никаде во Законот не пишува дека градежните работници на Коридорот 8 и Коридорот 10 ќе работат 72 часа, откако претходно тоа го посочија од Сојузот на Синдикати.
„Тоа не го пишува во Законот, работното време за овие работници е 40 часа со дополнителни најмногу 8 часа во неделата за стратешки приоритети. Се дозволува во текот на периодот кој го дозволуваат временските услови и за работа над овие 48 часа, но во Законот никаде не пишува дека ќе работат 72 часа. Тоа зависи од временските услови, од процесот на работа и затоа треба да бидеме објективни. Законот предвидува да се почитува 12 часа дневна обврска на работникот да одмора и 12 часа плус 24 часа неделен одмор“, посочи министерката Тренчевска.
Претходно од Синдикатот рекоа дека најслабата алка во заштитата на правата на работниците, а особено на градежниците е трудовиот инспекторат којшто не врши ефикасна контрола врз условите за работа и врз прекувремените часови кои според него се под принуда, а не со доброволна согласност на работниците.
Министерката меѓудругото посочи и дека се работи на системско решение за зголемување на минималната плата.