
Откако поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук од Будимпешта изнесе тврдење дека екс-премиерот Зоран Заев „започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи“, Заев ги демантира ваквите тврдења и за „Слободен печат“ изјави дека се целосна невистина. Груевски во објава на социјалната мрежа меѓу другото напиша:
Заев веројатно во моментот е многу горд на себе во овие денови кога според информациите започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра. Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет како никогаш во постоењето на Македонија и со злоупотребата на власта во времето на неговото владење, пари во готовина и потоа пренесени со приватен авион во Дубаи и ставени на банкарска сметка.
Поранешниот премиер Зоран Заев пак, за „Слободен печат“ изјави дека се работи за целосна невистина.
Колку треба човек да е забеган во умот да кажува и тврди вакви глупости. Суетните само чекаат да се фатат на вакви будалаштини за да си ја залечат суетата. Заеви вработуваат преку 1000 луѓе во Македонија. Така било пред да бидам во политиката, така било додека сум бил во политиката, така е и сега после повеќе од 3 години како трајно сум заминат од политика. Не градам никаква кула во Дубаи, тоа е целосна невистина, рече Заев.