Утрински Весник
Македонија

Задоцнето хистерично врескање против Али Баба, наместо кон бандата арамии и соучесници

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. Јове Кекеновски

Иако сум приврзаник за Талионското начело ,,око за око, заб за заб“, сепак во духот на демократијата и современите демократски вредности ќе се надминам и ке кажам дека е потребна сериозна кривична, материјална, морална и секој друг вид одговорност на сите оние кои ја урнисаа и ја соголеа до гола кожа државата, Кога сме кај одговорноста никако не сметам дека неказнето треба да поминат и сите оние кои беа соучесници и го аминуваа сторениот криминал во последниве дваесетина и нешто години. Значи покрај арамиите политичари тука е и една сериозна бројка на судии и обвинители, секако со чест на исклучоци.


По откривањето и обзнанување на нелегалното прислушување, нелегалното и нелегитимно насилно доаѓање на власт, судењата за тероризам за упадот во Собранието, селективното амнестрање на политичари криминалци за обезбедување парламентарно мнозинство за уставни измени, политичките пазарања (читај рекетирања) на поранешните функционери од страна на политичари кои дојдоа по нив како и многу други нечсни работи овозможија политичарите кои последниве дваесеттина година беа на највисоко ниво на власт да си се умислат дека се ,,Господ- Бог“ во оваа држава и така да се однесуваат. Крадеа, не продаваа, не лажеа, не обезличија како народ, не направија народ тесто и пак еве слободно шетаат неказнето. Извршната власт стана доминантна и пресилна а во нејзина служба сиве овие години беа и законодованата и судската власт како и огромен број од нивното заблеано и сервилно партиско членство.

Јавно се воспостави практиката ,,кради безочно додека си на власт за да кога ќе бидеш опозиција да имаш со што да се испазариш за својата слобода и невиност, но и да си го легализираш сторениот арамилак. Бедуријата наброени субјекти активно и пасивно им помагаше во тој арамилак.

Наместо да се стави крај на ова лудило, на овие погоре наброени случаи се надоврза и Основниот кривичен суд Скопје поточно специјализираното одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција на целата територија на Република Македонија како првостепен кривичен суд, преку претседателот на Судечкиот совет пред започнување на главата расправа на ден 17.10.2023 година да донесе РЕШЕНИЕ со кое ја запре постапката покрената со обвинителен акт и предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција – Скопје против обвинетите за кривичното дело Злосторничко здружување по член 394 став 1, член 353 став 2 во врска со став 1 од член 45 на КЗ и други одредби од КЗ поради постоење на околности кои што го исклучуваат гонењето – настапување на апсолутна застареност на кривично гонење.

Претходно Апелациониот суд со Решение КОКЖ 81/21 од 05.12.2022 ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење. Заради објективноста должен сум да потсетам дека со првостепената пресуда бр 47/17 и КОК 39/18 од 26.02.2021 година обвинетите беа прогласени за виновни и двајца од нив осудени на единствена казна затвор од 15 години кои веќе беа пребегани од државата, а еден од нив на единствена казна од 12 години затвор. Останатите обвинети добија доста помали казни.

И сите осудени со посоченото Решение беа ослободени благодарение на тоа што судството и обвинителството (на сите нивоа) дозволија да застарат кривичните дела. Едноставно лежерно се дозволи апсолутна застареност на кривичното дело, додека оштетените (повеќе од двестотина на број кои најавија имотно правно побарување – надоместок на штета за незаконско прислушување сторено од страна на обвинетите) ги упатија на управен спор за надомест на штета во граѓанска парница.

Јас во моето досегашно искуство не паметам вакво тешко кривично дело некој суд или обвинителство во светот да дозволил да застаре. Само во Република Македонија сторителите на ваквите кривични дела (сметајќи од 1991 година досега) остана неказнети. Покрај овие неказнети останаа и учесниците во аферите ,,Големото уво’’ од 2000 година и на ,,Сина птица’’ од 1990 година. Виновниците во правата афера беа амнестирани од тогашниот претседател Б. Трајковски, а додека вториве остана неказнети бидејќи целта во тие рани 90-ти години на минатиот век им беше растурање на ВМРО ДПМНЕ.

Дозволувањето да се дојде до аспослутна застареност беше јасен показател дека постои силна спрега на релација власт-обвинети-судии–обвинители, заснована на лукративна основа. Сите тие кои ја сочинуваа и градеа оваа мрежа беа удоволени/задоволени секој на свој начин, додека народот остана со прстот во уста и со констатацијата дека се е договорено и дека што поголем сторен криминал додека си на функција од секој аспект станува исплатлив бизнис. Првата таква спрега осуденик (бивш висок финкционер) – политичар (вицепремиер) – судија јавно ја обелодени американската амбасадорка г-ѓа Агелер.

Оваа практика на фукционирање на властите многу ме потсетува и ми наликува на содржината на познатата басна за Али Баба и 40 разбојници, но во една современа варијанта. Можеби во оваа денешна басна не беа 40 разбојници, можеби беа помалку или повеќе, но во секој случај поената е во тоа што разбојниците (во овој случај дел од судиите, обвинители и политичарите) му овозможија на сиромашниот Али Баба да си ја наполни тајната пештерата со многу вредни украдени предмети, злато и пари и да со ужива во и со нив. Денешнава модифицирана басна за Али Баба за жал има многу сличности и допирни точки со прастарата прва верзија на басната.

Но, да се вратам на реалноста. Во прилог на погоре констататираното се и речиси сите застарени предмети на поранешното СЈО, слабо стручно и професионално сработените предмети, сценариото за негово укинување како и подоцна смешните пресуди односно спогодување за признавање вина со ОЈО за организиран криминал и корупција и обвинетите и др. Па така меѓудругото ни се случи и наводно некоја ,,Империја’’ во која персона претходно ослободена од гонење поради апсолутна застреност на кривично дело (Али Баба) во овој случај ја доби речиси најниската можна казна наместо максималната. За делото злосторничко здружување каде можеше да добие најмногу 5 години, тој се спогоди и доби една година затвор. За делото противправно стекнување и прикривање имот каде можеше да добие и осум години затвор доби две години и шест месеци, но и парична казна од 2.000 евра. Значи од можни 13 години затвор тој доби само три години .Обвинителката јавно изјави дека овие казни не се ниски и се доволни за санкционирање. Замислете биле доволни за санкционирање? Повторно ниту тие, ниту одговорните од Управата за извршување санкции не видоа дека казните затвор се одлежуваат дома, на слобода. Повторувам на СЛОБОДА како и за многумина други осуденици. Мислам дека ова ниту еден здрав и нормален човек не може да го разбере и оправда, но без разлика на се, таквите персони (судиите.обвинителите и благо (реда ради) осудените) продолжија и понатаму да функционираат и да си играат со судбините на луѓето. И за жал не прекинаа туку продолжуваат и понатаму неказнето да функционираат и да си играат со сите нас.

Колку што ме држи сеќавањето истото тоа обвинителство тогаш наводно конфискуваше имот кој демек вредеше околу 30 милиони евра, иако се покажа дека еден голем дел од него бил под хипотека. И наместо обвинителството да конфискува друг имот кој не е под хипотека тоа дозволи повторно истиот тој имот по кратко време да се врати кај оној од кој бил одземен. Ова мислам дека ни славниот Худини не го можеше, ама ете имало ербапи во оваа наша држава.

Обвинителството ниту еден збор на кажа на укажувањето на директорот на Дирекцијата за управувањее со одземен имот и за заканите во врска со јавната продажба на запленетиот имот. И тоа така си помина. Повторно молк од обвинителството, а имотот повторно во ,,вистински и чисти раце“.

Патем подоцна јавноста дозна дека јавната обвинителка во овој случај не прашала и не испитувала како е стекнат целиот запленет имот. Јавноста не доби никаков одговор на кој начин е стекнат тој имот, дали стекнатиот имот можел да се купи со приходите кои ги остварувал осудениот. И ова помина тивко и без дополнителна реакција од надлежните наводно поради тоа што според изјавите на обвинителката: ,,елементите на споменатите кривични дела не подразбираат начин на кој имотот е стекнат, туку фактот дека имотот со кој располага осудениот ги надминува неговите приходи што законски ги остварува и за кој дал лажни или непотполни податоци што јасно упатува дека се работи за незаконски стекнат имот“. Значи постои јасна констатација за незаконски стекнат имот и нема дополнителна нејзина реакција.

И навистина е за чудење и за крстење кога ќе слушнеш или прочиташ што тие бесрамно изјавуваат само да го оправдат она што никако не може да се оправда и за жал повторно не беа казнети и остана неказнети за нивните сторени злодела и соучесништво. Истите тие и понатаму продолжуваат со перење на колективната меморија и свест на граѓаните демек се борат против криминалот и корупцијата. Јас, но и многумина мои пријатели денес не можат да се изначудат како тоа помагањето на арамијата да се спаси од заслужената казна денес ја третираат како совесно работење, наместо како соучесништвото.

И сега повторно по навика соучесниците експресно ќе ја разбрануваат јавноста по објавата на снимката со црвеното ферари и ,,бос(и)от“ од Монте Карло и ќе се обидат тивко да го дигнат својот глас, а целата е однапред позната. И тие да бидат сити и овците на број. Треба ли дополнително да потсетувам за она што го направи судството и обвинителството со снимката за барање мито од бизнисмен во една општина на југоистокот од државава. со трагедијата во тетовската модуларна болница, со овозможување (читај соучесништво) во бегствата на криминалците политичари. Да не потсетувам и на други случаи во кои повторно судиите и обвинителите глумеа ,,совесни службеници’’ кои работеа само во полза на оние на кои им ги овозможиле удобствата кои денес слободно и неказнето ги уживааат шетајќи по светот.

Премиере Мицковски и претседателке Силјановска има ли некој кој ќе стави крај на сето ова?. Има ли некој кој ќе каже ДОСТА Е. Има ли луѓе борци за правда и против криминал налик на познатата легенда, италијанскиот судија Џовани Фалконе? Ја сум повеќе од сигурен дега ги има и тоа како има. Треба само да им се даде шанса. Затоа господа чесни пратеници и надлежни министри и функционери на власт без разлика од која партија доаѓате и на која партија и припаѓате, дајте во име на народот одважете сé и овозможете сите неказнети арамии да бидат казнети без ралика на која партија и припаѓаат. Јавната шлаканица на американската амбасадорка кон судиите, обвинителите и политичарите треба да ви биде мотив повеќе и храброст да го сопрете и казните криминалот кој ни се случи пред очи. Сторениот криминал никаде во светот не е ,,наградуван’’ како кај нас, туку строго и неселективно санкциониран, па дури и во случај награда да доделуваат високи верски и црковни великодостојници.

Државата не може да ја дестабилизира праведната и неселективна борба против криминалот и корупцијата. Напротив таквата борба само ке ја зајакне доверба во системот и ќе ја зголеми јавната домашна и меѓународна поддршка.

П. С. За оние кои се подмочуваат од радост кога ќе се спомене ликот и делото на Али Баба, а кои беа и уште се на виски позиции во прва следна прилика.
Да не биде после Цацко им е крив?!

Можете да прочитате

ВРЕДИ: ДУИ е прва партија на Албанците која ги оддалечува од нивните западни стратешки партнери, заради својот криминал и корупција

Тетово доби пари за водовод и за заштитна ограда на Пена

Левица: Власта да ја поддржи интерпелацијата против Илире Даути поднесена од нас