
Во последните пет години забележуваме пораст од околу десет проценти во употребата на електронски цигари. Употребата на класичните тутунски производи можеби не е целосно иста, но новите алтернативни тутунски производи стануваат сè поприсутни и помасовно прифатени, истакна д-р Мартин Петровски од Институтот за јавно здравје, на денешниот Форум за борба против зависностите во организација на Сојузот за превентива од болестите на зависност.
Според него, причините за зголемената употреба се повеќеслојни, од сеопфатно маркетинг рекламирање и разновидни вкусови, до нивна лесна достапност. Петровски предупреди дека на пазарот постојано се појавуваат нови, визуелно привлечни производи со овошни вкусови, кои создаваат лажна перцепција дека не се штетни.
– Поради разновидните вкусови, боите, лесната достапност и неконтролираната промоција на социјалните мрежи, младите се изложени на силно влијание. Рекламите, инфлуенсерите и блогерите ги промовираат овие производи како нешто привлечно и безбедно … На пазарот постојано се појавуваат нови, шарени производи со овошни вкусови. Тоа создава лажна перцепција дека не се штетни, но фактите покажуваат спротивното, рече Петровски.
Вели ако државата сака сериозно да се бори против оваа појава, мора во рамки на редовната наставна програма да промовира здрави навики, бидејќи, како што рече, мора да признаеме дека е многу тешко некој пушач да се откаже од пушењето.
Додаде дека потребни се промени и во регулативите посочувајќи на дел од европските земји кои веќе ги имаат забрането ароматизираните производи, поради, како што рече, нивната популарност кај младите, што, вели, „може да биде пример и за Македонија“.
Д-р Давид Здравевски од Институтот за јавно здравје, пак, нагласи дека ниту една институција сама не може да го реши проблемот, затоа, рече, потребна е меѓуинституционална координација и соработка помеѓу училиштата, здравството, локалната самоуправа и семејствата.
– Нашата држава, заедно со Сојузот за превентива од зависности, има обврска да организира вакви настани кои ќе помогнат подобро да го разбереме проблемот и побрзо и поефикасно да дојдеме до соодветни решенија … Искуствата од меѓународните практики покажуваат дека успешни се токму оние земји што имаат долгорочна стратегија, на десет, па и повеќе години, која непрекинато се спроведува. Ние мора да го направиме истото, посочи Здравевски.
Според него, само со заеднички пристап, јасни протоколи, брза размена на информации и континуирана поддршка за младите може да се изгради систем кој навремено спречува, препознава и интервенира.


