Раководството на Демократската унија за интеграција заседава во партиското седиште во Мала Речица.
„Состанокот е поради последниот развој по средбата на претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи додавајќи дека за нив како партија е важна европската иднина на граѓаните.
На лидерската средба помеѓу првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, оваа недела, Мицкоски се согласи на уставни измени под неколку услови, а еден од нив е по гласањето во парламентот да биде формирана преодна влада во чијшто состав нема да биде ДУИ. По оваа изјава, ДУИ излезе со партиско соопштение објавувајќи подготвеност да замине во опозиција ако ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Од друга страна, едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е и уставните измени да стапат на сила кога Македонија ќе стане дел од ЕУ. Дали на овие теми ќе се постигне согласност, допрва ќе се одлучува на партиските состаноци.