
Српскиот претседател Александар Вучиќ не ја исклучува можноста земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија заедно со Украина, преку забрзана постапка. Тој истакна дека ова е дел од процесот кој се разгледува како важен сегмент за постигнување решение за прекин на војната. Во интервју за Федералното радио и телевизија на Босна и Херцеговина, Вучиќ рече дека неговата борба за европска интеграција не се однесувала само на Србија, туку и на Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
Тој додаде дека границите би станале помалку значајни ако сите земји од Западен Балкан се приклучат на ЕУ или на некаков вид полуевропска унија. Вучиќ посочи дека развива посебен пристап за овој процес како дел од мировниот договор за Украина, со кој Србија би можела да стане членка од 1 јануари 2027 година. На прашање дали ваквото сценарио е реално, тој одговори дека „не е сигурен, но не ја исклучува можноста“. Во истото интервју, претседателот ги отфрли обвинувањата во врска со случајот „Сараево сафари“ и повика на добри односи меѓу Србите и Бошњаците за стабилност на Балканот.

