Утрински Весник
Балкан

Вучиќ: Србија нема закана од агресија, но ја јакне одбраната

Vucik.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

По завршувањето на седницата на Советот за национална безбедност на Србија, претседателот Александар Вучиќ изјави дека земјата во моментов не се соочува со директна безбедносна закана, но дека внимателно ја следи состојбата во регионот и светот.

„Го одржуваме мирот со тоа што не напаѓаме никого, но имаме голема сила за одвраќање. Во овој момент нема опасност од агресор. Нашата сила е поголема од опасноста од потенцијален агресор“, рече српскиот претседател.

На седницата, со која претседаваше Вучиќ, присуствуваа премиерот Ѓуро Мацут, министрите Ивица Дачиќ, Братислав Гашиќ и Ненад Вујиќ, како и началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ и директорот на БИА, Владимир Орлиќ. „На седницата на Советот за национална безбедност разговаравме за три теми: регионална, воена и политичка безбедност со осврт на ситуацијата во Европа и светот, енергетска безбедност и американска акција на територијата на Венецуела“, изјави претседателот на Србија. Вучиќ оцени дека меѓународниот поредок е во распад и дека правилата повеќе не важат.

„Стариот поредок во светот се урива, никакви правила повеќе не важат. Меѓународните правила не важат, мора да си го признаеме тоа и да разбереме дека Повелбата на ОН воопшто не функционира, по акцијата на САД во Венецуела“, истакна Вучиќ. Според него, во глобалните односи доминира силата, а реакциите на Европската Унија за случувањата во Венецуела го потврдуваат тоа. Вучиќ оцени дека европските претставници се водат од сопствени интереси и изрази загриженост за нивните ставови околу идните глобални случувања. Говорејќи за регионалната безбедност, тој предупреди на забрзаното вооружување на Приштина, кое, како што рече, се спроведува спротивно на Повелбата на ОН, со значајна поддршка од Турција.

Вучиќ додаде дека Приштина, Тирана и Загреб работат на воспоставување сложен воен систем. „Се подготвуваме за одбрана од оние кои отворено ја загрозуваат нашата земја…На седницата на СБ за национална безбедност разговаравме како да продолжиме да се вооружуваме“. Тој најави дополнителни вложувања во одбраната и логистиката. „Ќе имаме нови инвестиции во воената индустрија, дополнување на резервите на храна, вода и муниција. Имаме доволно гориво за армијата. Во следната година и пол ќе го удвоиме нашиот воен капацитет, а ќе го зголемиме човечкиот капацитет за една третина“.

Во делот за енергетиката, Вучиќ соопшти дека рафинеријата за преработка на нафта во Панчево се очекува да започне со производство на нафтени деривати на 25 или 26 јануари. Тој истакна дека САД настојуваат да воспостават доминација во глобалниот енергетски сектор. Според него, во моментов САД контролираат 51 процент од вкупните резерви на нафта и ќе преземаат активности за истиснување на конкурентите, пред сè Кина и Русија, вклучително и во Србија.

Можете да прочитате

Силен снег и замрзнат дожд во Србија – Апел до граѓаните да не патуваат!

Вучиќ уверен во изборна победа и во Ниш и во Нови Сад

Хаос на патиштата и апели за претпазливост во Србија