Кога зборуваме за железница, треба да се направи разлика помеѓу инфраструктура и железничко средство, значи вагони, локомотиви итн. Ако немате добра инфраструктура, тогаш џабе ви е да имате и формула 1, ама џабе ви е да имате и висока брзина на возот, значи тој нема да има сигурност. Од тој аспект, значи првин треба да се работи на инфраструктурата во Македонија, изјави универзитетскиот професор Глигорче Вртаноски на денешната трибина со наслов „150 години железници во Македонија 1873-2023″ во организација на Републичката комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Вртаноски, инфраструктурата е застаната и нема шанса да се промени нешто доколку не се промени начинот на размислување, како што рече тој, на естаблишментот на Владата.
„Инфраструктурата е застаната и нема шанси да се потегне нешто со овој начин на размислување, првин на естаблишментот на Владата или тие што ја генерираат таа стратегија“, вели тој.
Вртаноски вели дека во Македонија има само желба за нешто да се направи за разлика од Гана, на која ѝ била потребна само една и пол година да направи иста делница каква што во Македонија 30 години не може да се изгради.
„Кај нас не можеме 30 години една пруга да изградиме од Куманово до Крива Паланка, која што е 50-ина километри. Гана е многу богата земја. Второ, стратегијата што ја прават е дека сакаат да го направат тоа. Кај нас имаме стратегија, сакаме да направиме, ама нема да го направиме. Сакаме да имаме воз или гарнитура, ама немаме одржување. Вториот дел, кој можеби за мене е побитен, тоа се човечките ресурси. ‘Македонска железница’ е со старосна група, со секоја почит од над 53 години, и во тој момент што би очекувале од луѓе што се повозрасни. Сепак, треба млади луѓе, кои треба да се соодветно обучени, а понатаму нивниот тренинг да се врши во самата организација. И во тој момент ќе имате прогрес“, истакна Вртаноски.