Утрински Весник
Македонија

Воздухот во градинките и училиштата загаден двапати над дозволеното, УНДП направи анализа во пет града во земјата

Gradinka.webp.webp

Воздухот во внатрешните простории на улиштатата и градинките во Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и во Кавадарци е загаден двапати над препорачаната граница од Светската здравствена организација.

Ваков резултат покажа анализата направена од УНДП со финансиска поддршка од Шведска, која денес беше презентирана. Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вклучен во истражувањето, вели дека воздухот во затворените простории во училиштата и градинките, слично како и надворешниот амбиентален воздух, го надминува дозволениот лимит на ПМ 2,5-суспендирани честички, а истражувањето покажало дека другите загадувачи се во рамките на прифатливите граници. Иако се поврзани, нема директно влијание на надворешниот воздух врз воздухот во внатрешните простории. Истражувањето покажало дека во зимскиот период кога суспендираните честички имаат екстремно високи концентрации надвор, тие не пробиваат во целост внатре, па зимно време концентрациите се помали во затворените простори за разлика од летно време кога тие се поголеми.

„Во просек ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација за двапати. Максимално дозволена концентрација на ПМ 2,5-честичките за осум часа во затворен простор е 25, а кај нас надминувања има и во студената и во топлата сезона и концентрациите на ПМ 2,5-честичките се движат од 40 до 80 микрограми на кубен метар“, рече Мираковски пред презентацијата на резултатите од истражувањето.

Тој нагласи дека дишеме загаден воздух и внатре и надвор, но дишењето загаден воздух внатре е поголем проблем оти, особено во зимскиот период, многу повеќе време децата минуваат во затворени простории. За разлика од надворешниот воздух, за внатрешниот Мираковски вели дека има повеќе решенија. Такви се современите системи за вентилација, едноставните самостојни системи за филтрација на воздухот, кои може да намалат 80 – 90 отсто од концентрациите на суспендираните честички, како и мерките за хигиена, кои вклучуваат почесто мокро пребришување, како и посебна облека и обувки за внатре. Сите овие мерки заедно Мираковски вели дека може за кусо време да дадат резултат.

Пред денешната презентација на резултатите од истражувањето, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин рече дека за него се издвоени пари од даночните обврзници на Шведска, но им се заблагодари и на општините Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и Кавадарци, кои заедно со кофинансирање успеале да издвојат речиси еден милион евра.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, пред почетокот на презентацијата на резултатите од истражувањето рече дека справувањето со загадениот воздух треба да биде заедничка акција на сите и најави дека во рамките на таквите активности в година 10 болници ќе го сменат начинот на греење и нема повеќе да користат мазут и нафта.

На презнетацијата присуствуваше и заменик-министерот за труд и социјала, Ѓоко Велковски, кој најави дека како Министерство во следниот буџет ќе бараат начин за директно да им помогнат на училиштата и градинките во справувањето со загадениот воздух во просториите. Министерката, пак, за образование, Весна Јаневска, рече дека интензивно работат на менување на греењето во училиштата и градинките и најави дека по презентацијата на резултатите од истражувањето, очекува предлози како да се подобри квалитетот на воздухот.

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме