Утрински Весник
Свет

„Волстрит џурнал“: Трамп со цртеж од гола жена и порака за „прекрасна тајна“ му го честитал роденденот на Епштајн

Tramp i epshtajn.jpg

„Волстрит џурнал“ денес објави дека името на Доналд Трамп се појавило на лична порака до Џефри Епштајн од 2003 година, на која американскиот претседател одговорил дека е лажна.

Весникот пишува дека писмото е едно од неколкуте во албум со кожен повез посветен на прославата на 50-тиот роденден на Епштајн, речиси три години пред да се појават обвинувањата за сексуална злоупотреба против финансиерот.


Трамп бргу одговори на објавата на неговата платформа „Тру соушал“ велејќи дека ќе ги тужи весникот и Руперт Мардок, кој го контролира неговиот издавач, „Њуз корп“.

„’Волстрит џурнал’ и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Џ. Трамп дека наводното писмо е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, напиша Трамп.

„Никогаш во животот не сум нацртал слика“, објави Трамп, а потоа додаде: „Тоа не е мој јазик. Тоа не се мои зборови“. Недолго потоа корисниците на социјалните мрежи се сетија дека во 2005 година Трамп нацртал цртеж од хоризонтот на Њујорк за хуманитарна аукција. Цртежот бил повторно продаден во 2017 година за 30.000 долари.

Портпаролот на „Волстрит џурнал“ и нејзината матична компанија одбија да коментираат за нивната приказна и за аканата на Трамп за тужба.

Весникот објави дека писмото, на кое го пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер. Весникот објави дека писмото завршува со „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и е потпишано со „Доналд“.

Потпретседателот Џ. Д. Венс одговори на сторијата на платформата „Икс“ велејќи: „Извинете за мојот јазик, но оваа сторија е целосна и апсолутна глупост. ‘Волстрит џурнал’ треба да се срами од себе што ја објави“. Други влијателни личности од американската десница, кои досега инсистираа на транспарентност во врска со случајот на Епштајн, застанаа во одбрана на претседателот. Сега тие изјавија дека не веруваат во сторијата.

Според информациите од „Волстрит џурнал“, писмото со потпис на Трамп било дел од албум составен за 50-тиот роденден на Епштајн од Гислен Максвел, негова блиска соработничка, која подоцна била осудена за трговија со деца за сексуална злоупотреба поврзана со Епштајн. Максвел наводно ги собрала писмата.

Тој албум бил меѓу документите што години подоцна ги прегледало Министерството за правда на САД за време на истрагата за Епштајн, пишува весникот.

Трамп бил постојано фотографиран со Епштајн во текот на 90-тите и во почетокот на 2000-тите, а неговото име се појавува во дневниците за летови на приватниот авион на Епштајн. Но, Трамп тврди дека го прекинале контактот пред Епштајн да се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетници. Тој додаде дека не разговарале најмалку 15 години пред повторното апсење на Епштајн во 2019 година.

Вчера, беше објавено дека администрацијата на американскиот претседател ќе побара од судот да дозволи објавување на транскриптите од големата порота во случајот на починатиот Епштајн. Соопштението доаѓа откога некои поддржувачи на Трамп реагираа жестоко на извештајот, во кој се заклучува дека нема докази што би ги поткрепиле некои долгогодишни теории за случајот на Епштајн.

Министерството за правда и ФБИ минатата недела изјавија дека нема докази оти Епштајн, обвинет за подведување малолетни девојчиња, наводно на моќни и познати поединци, имал листа на клиенти или уценувал моќни и влијателни личности.

Тие исто така го отфрлија тврдењето дека Епштајн бил убиен во затвор потврдувајќи дека извршил самоубиство со бесење. Додадоа дека повеќе немаат намера да објавуваат информации за истрагата.

„Врз основа на смешниот обем на публицитет што му беше даден на Џефри Епштајн, ја замолив државната обвинителка Пам Бонди да ги обезбеди сите релевантни сведочења од големата порота, под услов судот да одобри. Оваа измама, извршена од демократите, треба веднаш да престане!“, напиша Трамп на својата платформа „Тру соушал“.

Кратко по изјавата на Трамп, Бонди изјави на „Икс“ дека Министерството за правда е подготвено денес да побара од судот да ги објави тие транскрипти. Бонди неколку месеци претходно најави објавување големи откритија за Епштајн, вклучувајќи „многу имиња“ и „многу записи за летови“.

Можете да прочитате

Експерт за демографија: „Не можете да ги подмитите луѓето да имаат деца“

ЕК предлага зголемување на таксата за безвизно патување од 7 на 20 евра

Најмалку 33 лица загинаа во удари од гром во североисточна Индија